Стотина ловци и граѓани во координација со полицијата утрово ја продолжија потрагата по исчезната Марија Брзакова (28) од Босилово, која исчезна на 18-ти овој месец.

Собраните граѓани заедно со полицијата денеска ги пребаруваат речните корита и канали во регионот, а покрај ловците од Босилово во акцијата за пребарување на теренот се вклучени и ловци од Ново Село и Струмица.

-Во координација со СВР-Струмица се распоредивме по течението на реката Турија, реката Струмица, канали, по целото поле, дури и по браните на Дрвош и Иловица, Монспитовско блато, значи целиот терен ќе се пребарува, рече Војо Прцевски, претседател на Ловно друштво „Гоце Делчев“ од Босилово.

Додаде дека потрагата и утре ќе продолжи доколку денеска не ја пронајде исчезната жена.

Дваесет и осумгодишната Марија Брзакова исчезна во утринските часови на 18-ти овој месец. Била облечена во тренерки во темна боја, на нозете имала патики или влечки, со себе не носела ташна, мобилен или каков било документ. Висока е околу 160 сантиметри, средна градба, со долга костенлива коса. Исчезнувањето во полицијата го пријавил нејзиниот сопруг.

Од полицијата апелираат до граѓаните доколку ја забележат исчезнатата Марија Брзакова да се јават на телефонскиот број 192.



Автор: Администратор
Објавено на: 25/01/2020 13:44