Столе Ефтимов од Кочани, член на боречкиот клуб „Лирија“ од Скопје ја доби стипендијата за спортист-спортска надеж што ја доделува Општина Кочани за остварени спортски резултати во 2019 година.

На Ефтимов во следните шест месеци ќе му биде исплаќан месечен износ од три илјади денари.

– Во конкуренција за спортската стипендија годинава беа уште две пријави, од кои едната беше отфрлена поради тоа што, според Правилникот, стипендијата не може да се додели на ист спортист двапати едноподруго, односно во две последователни календарски години, информираа од Одделението за јавни дејности на Општина Кочани.

Минатата година Столе Ефтимов стана државен првак во борење слободен стил за јуниори, во категоријата до 86 кг. Во ноември пак, го освои првото место на меѓународен турнир во Косово, во категоријата до 92 килограми, а беше и вицешампион на Јуниорскиот балкански шампионат, во истата тежинска категорија. Боречката федерација на Македонија неодамна му го додели признанието „Најдобар борач во Македонија во категоријата јуниори за 2019“.

Општинската стипендија за спортист-спортска надеж се доделува како поттик за младите од Кочани да спортуваат и да остваруваат значајни спортски резултати.



Автор: Администратор
Објавено на: 29/01/2020 21:07