Добитниците на Оскар за најдобро филмско остварување во 2019-та во 24 категории ќе ги дознаеме вечерва. Петчлената филмска екипа на „Медена земја“ и протагонистката во филмот – пчеларката Атиџе Муратова, ќе бидат меѓу холивудската елита во театарот „Долби“ во Лос Анџелес на 92-то доделување на најпознатата филмска награда.

Оскаровската вечер, која ќе се одржи на 9 февруари (по наше време на 10 февруари од 2 часот), е најгледан настан што се пренесува во повеќе од 200 земји и територии во светот.

Во категоријата за најдобар документарец конкуренција на „Медена земја“ му се два филма за војната во Сирија, еден документарец за политичката криза во Бразил и еден за фабрика со работници Кинези и Американци во САД.

Британско-американската копродукција „За Сама“ (For Sama), кој во декември во Берлин ја доби наградата за најдобар документарец на Европската филмска академија (позната и како европски Оскар), прикажува пет години од животот на Ваад ал-Катеаб за време на востанието во Алепо. Таа е режисерка, наратор и кинематографер на филмот кој е оценет како „интимно и епско патување во женското доживување на војната, филм-писмо од мајка до нејзината ќерка“.

Снимањето почнува од 2011 кога таа е 18-годишна студентка по маркетинг. Документарецот го следи нејзиното вљубување, бракот и раѓањето на ќерката Сама за време на граѓанската војна. Ваад ал-Катеаб и нејзиниот сопруг, лекар, се соочени со тешка одлука – да избегаат на безбедно или да останат за да им помогнат на невините жртви на војната.

Ваад Ал-Катеаб снимила повеќе од 500 часа материјал кој по напуштањето на Сирија го преточила во 95-минутен документарец со помош на режисерот Едвард Вотс во Лондон. Светската премиера на „За Сама“ беше лани во март на фестивалот „South by Southwest“.

„Пештерата“ (The Cave) е, исто така, сведоштво за војната во Сирија. Овој сириско-дански документарен филм на режисерот и продуцент Ферас Фајад ја прикажува лекарката Амани Балур во Гута која за време на граѓанската војна оперира во импровизирана болница во пештера.

Филмот се надоврзува на „Последните луѓе во Алепо“, претходниот филм на Фајад, според кого документарецот „треба да ги стави луѓето во непријатна позиција да ја согледаат ужасната реалност околу нас“. Светската премиера на филмот беше на фестивалот во Торонто каде ја освои наградата „People’s Choise“.

Другите два докуменентарни филма во трката за Оскар светски премиери имаа лани во јануари на американскиот фестивал на независен филм „Санденс“ каде што „Медена земја“ триумфираше со три награди во категоријата за документарци.

Во бразилскиот „На работ на демократијата“ (The Edge of Democracy) режисерката Петра Коста од лична перспектива ја анализира социополитичката криза во земјата по подемот и падот на двајца бразилски претседатели.

Контекстот на приказната е од времето на првиот мандат на претседателот Лула (Луис Инасио Лула да Силва) до настаните што водат кон импичмент на неговата наследничка – претседателката Дилма Русеф. Во рецензиите филмот е оценет како „хроника на граѓанско предавство и злоупотреба на моќта“.

„Американска фабрика“ (American Factory) во режија на Стивен Богнар и Џулија Рајхарт е документарец за кинеска компанија за производство на автостакла (Fuyao) која работи во згаснатата фабрика на „Џенерал моторс“ во Морејн, Охајо.

Режисерите го снимале од февруари 2015 до крајот на 2017 година во истата фабрика што беше тема на нивниот документарен филм од 2009 година „Последниот камион: Затворање на фабриката ЏМ“.

Ги прикажува работниците по преземањето на фабриката од кинескиот инвеститор – Кинези и Американци кои преку соработката ги уриваат културолошките бариери.

„Американска фабрика“ е прв филм на продуцентската компанија на Барак и Мишел Обама – „Higher Ground Productions“, продуциран за мрежата „Нетфликс“.

Четири конкуренти „Медена земја“ има и во категоријата за интернационален (неанглиски) филм, во која се и филмови од Полска, Шпанија, Јужна Кореја и Франција.

Јужнокорејскиот хит „Паразит“ (Parasite) на режисерот Бон Џун-хо е номиниран за Оскар во шест категории.

Добитникот на „Златна палма“ во Кан и „Златен глобус“ за странски филм е црна комедија за класните разлики во јужнокорејското општество. Раскажува за сиромашно семејство кое со измами и интриги се вовлекува во домот на богати сограѓани во Сеул. „Паразит“ е меѓу филмовите со најголема заработка во националната кинематографија.

Француската драма „Les Misérables“ е прв игран филм на режисерот и актер Лаџ Ли, кој бил мотивиран од полициска бруталност кон млад црнец во Монфермеј.

Филмот беше селектиран за натпреварувачката програма на фестивалот во Кан каде што ја доби наградата од жирито.

Шпанскиот „Болка и слава“ (Dolor y gloria) на Педро Алмодовар покрај номинацијата за Оскар за интернационален филм, има и номинација за најдобар актер.

Приказната за режисер кој притиснат од болеста и стареењето има силна потреба да се потсетува на минатото и на сè што низ годините го обликувало, е автобиографски филм на Алмодовар во кој е сублимирана неговата кариера.

Во трка за Оскарот е Антонио Бандерас, кој за оваа улога во филмот беше награден и на фестивалот во Кан. Магазинот „Тајм“ го прогласи за најдобар филм во годината, а триумфираше и на доделувањето на наградите „Гоја“ на Шпанската филмска академија.

„Болка и слава“ во септември го отвори фестивалот „Браќа Манаки“, а гостин во Битола беше кинематограферот на филмот Хозе Луис Алкаине.

За најдобар интернационален филм на 92. доделување на Оскар е номиниран и полскиот филм „Corpus Christi“ на режисерот Јан Комаса, премиерно прикажан на фестивалот во Венеција. Во фокусот на филмот е духовната трансформација на 20-годишник кој во затвор за млади издржува казна за убиство.

Младиот актер Бартош Бјелења за главната улога е награден за најдобар актер на фестивалите во Чикаго и Стокхолм, а ја доби и наградата „Shooting Stars“ на мрежата European Film Promotion за перспективен европски актер.

Инаку, документарните „За Сама“ и „Американска фабрика“ и играните „Паразит“ и „Болка и слава“ имаат и номинации за награди на Британската филмска академија (БАФТА) кои ќе бидат објавени денеска на церемонија во „Алберт хол“ во Лондон.



Автор: Администратор
Објавено на: 02/02/2020 11:22