Фотографии и видеа со девојки, од кои некои малолетни, се споделувале подолг временски период во групата „Јавна соба“ на социјалната мрежа Телеграм. Некои од фотографиите биле преземени од профили на социјалните медиуми, некои, пак, биле дел од приватна комуникација со поранешен партнер, за потоа да бидат злоупотребени и пуштени во отпег во „Јавна соба“.

Групата е затворена, истрагата е во тек, Секторот за компјутерски криминал и дигитална форензика во координација со СВР Скопје изврши идентификација на сопственикот на „Јавна соба“ со иницијали Д. К. од Скопје и еден од администраторите на групата со иницијали М.П. исто така од главниот град.

Групата броела над седум илјади членови, а откако МВР покрена истрага, бројот драстично се намалуваше, а како што информира министерот за внатрешни работи Наќе Чулев станува збор за околу 800 фотографии и видеа, претежно од „Фејсбук“, „Инстаграм“ и Интернет, но има и приватни фотографии и видеа.

За женскиот морал многу се говореше изминативе денови, како можеле така да се фотографираат, иако дел од фотографиите не биле експлицитни, ниту со порнографска содржина, биле преземани од други социјални мрежи и споделувани со идентитетот на девојките и девојчињата. Двојна виктимизација е изразот кој се користи, кога наместо да се осудат оние кои вршат насилство, во овој случај сексуално, се осудува поведението на жртвата. Активистите за заштита на женските права нагласуваа дека феминизмот е потребно да се активира во ваквите случувања, каде на површина излегуваат прашањата дека жените се всушност секогаш жртви и дека и во случајот со „Јавна соба“ станува збор за родово – базирано насилство.

Дел од материјалите што се споделувале меѓу членовите биле приватни фотографии и видеа кои некогаш девојките им ги праќале на своите партнери или поранешни сопрузи. Се отвори прашањето и за т.н. одмаздничко порно, кое претставува споделување во јавноста на туѓи приватни материјали (фотографии или видео) со сексуална содржина без согласност на личноста на која и припаѓаат материјалите, а со цел таа да се засрами и омаловажи во јавноста.

„Јавна соба“ ја отвори Пандорината кутија на моралот/неморалот, каде е вината, кај родителите, кај оние чии фотографии се споделувале, кај креаторот, администраторите и членовите на групата, во тромите институции. Случајот стана уште почувствителен бидејќи меѓу оние чии фотографии се споделувани има малолетни девојчиња, а таквите активности се поврзуваат со детска порнографија.

Сајбер просторот идеално место за бегство на младите

За тоа зошто се појавува потребата од вклучување во вакви групи на младите говоревме со Емилија Стоименова Цаневска, психотерапевт и оснивач на Гешталт институт – Скопје, првиот европски акредитиран тренинг институт за психотерапија во земјава.

-За младите во ова време невреме сајбер просторот станува по се изгледа единствениот простор на располагање, за бивање и експериментирање. Оставени најчесто сами на себе, со ослабнато рано врзување, несигурност, која единствено ароганцијата се чини дека може да ја прикрие, без кој било да види, што е, младиот човек бара поврзување, бара припадност. За жал, изборите многу често се неадекватни, затоа што и првенствената почетна точка е нестабилна и неадекватна, и не не носи на место на кое гледаме во болката на оваа генерација која на некој начин е и болка на претходната генерација, која е соочена со разнишаност, сомневање, неавтентичност, недостаток на љубов и припаѓање, нагласува Стоименова Цаневска за МИА.

Таа потенцира дека во оваа група немало само млади, туку и возрасни и изрази надеж дека ќе добиеме одговор од надлежните институции за тоа кој се членувал во „Јавна соба“.

За психолошки последици кои може да бидат предизвикани од проширувањето на Интернет на фотографии од 12/13 годишни деца таа нагласува дека може да се набројат десетина најразлични.

-Сепак, неправдата која е доживеана затоа што довербата е изгубена, и уште повеќе злоупотребена, креира губење на тлото, што носи до намалување и на така намалената доверба и уште повеќе самодоверба. Тоа е само почетокот на крајот, што значи нарушување на самочуствието, вредноста, смислата, што екстремно би значело обвинување и деструкција, кон себе но и кон околината, вели таа.

Нагласува дека младите денес немајќи соодветни механизми да се соочат со болката бегаат во сајберпросторот, кој дава идеални услови за криење.

-Социјалните медиуми ниту се добри ниту лоши сами по себе. Прашањето е какво значење ние им давме и во каква функција ги ставаме. И дефинитивно тоа зависи од тоа како се користеле и користат и од оние од кои по пат на имитација и идентификација прво сме учеле, истакнува Стоименова Цаневска.

Таа ја отфрла контролата како метод во односот родители-деца, појаснувајќи дека е потребна присутност, следење и интерес за детето.

-При тоа контролата тука е дисквалификувана. За да може да имате влијание, прво и основно неопходно е да имате поврзаност и доверба. Контролата како таква е само уште еден камен на сопнување. Можеби покорисен збор наместо контрола би бил зборот присутност и зборот интерес со пратење, истакнува таа.

Потребно е воведување предмети кои ќе ја демистифицираат сексуалноста

Посилни врски меѓу родителите и децата, отворен разговор, неосудување, разбирање, препорачува Стоименова Цаневска, нагласувајќи дека е потребна грижа, љубов и негување во нивните меѓусебни односи, а јасните граници тука се неопходност, а се однесуваат дури и на времето кое се минува на социјалните мрежи, кои социјални мрежи се користат и кои содржини се следат.

-Секако за се ова да се сподели потребно е прво интерес, а потоа време. Прашањето е дали родителите го имаат, или сурогатот родители претставени како семоќните, секогаш присутни, никогаш неуморни содржини од виртуелниот простор ќе го завземат испразнетото место, а ние вчудоневидени ќе се прашуваме што ни се случи, како ни се случи, и зошто баш нам ни се случи, додава Стоименова Цаневска.

Потенцира оти е потребна поголема конекција меѓу родителите и децата, бидејќи особено тинејџерите ќе бараат начини да привлечат внимание, да бидат видени низ допадливоста на пројавноста, низ перцепцијата која е базирана на визуелното како водечко, затоа што, како што вели таа, понекогаш поболно е да се покаже ранетата млада душа, отколку незрелото тело.

Смета дека новите технологии не ги смениле вредностите, туку тие дале само привид дека се е исто.

-Секогаш имало луѓе/нелуѓе кои уживале во туѓата болка и несреќа, кои ги задоволувале своите незадоволени потреби со погрешни содржини, затоа што и тие не добиле она што им било потребно и природно им припаѓало. Лесно е да се впери прстот во лошото и да се укаже на патологијата. Прашањето кое останува отворено е што со тоа, додава таа.

Нагласува дека образованието е моќ и просветлување, демистификација, која дава сила за избор, во него младите треба да учат за сопствената сексуалност.

-Да, денес ни требаат предмети кои ќе не потсетат дека сме луѓе, дека сме сексуални и дека сексуалноста е животна енергија. Нам ни недостасува да ја видиме поголемата слика, со целата свесност дека се е со се поврзано, со право на припаѓање еднакво за сите, со капацитети за експериментитрање и креативност, како и вариетет на чувства, мисли, доживувања и искуства кои само споделени низ дијалог, ја дават акцијата на делувањето на локално ниво, од позиција на етичка мултилатералност, нагласува Стоименова Цаневска.

Лани 11 кривични дела од областа на сексуална експлоатација на деца преку интернет

Во текот на истрагата за „Јавна соба“ преостанува да се утврдат останатите лица кои имале администраторски и модератороски улоги во групата. Со двете лица, како што соопшти МВР е извршен е службен разговор, а со надлежниот јавен обвинител од ОЈО се направени дополнителни консултации и презентирани се доказите со кои располага Министерството.

На официјалниот е-маил на Секторот за компјутерски криминал и дигитална форензика досега се пристигнати три пријави за случајот „Јавна Соба“: од Прва детска амбасада во светот „Меѓаши, Internet Hotline Provider Macedonia Association и Хелсиншкиот комитет за човекови права, велат за МИА од Секторот.

Седум девојки од Скопје, Кичево, Тетово и Штип пријавиле во Бирото за јавна безбедност дека нивни фотографии се злоупотребени во групата „Јавна соба“, изјави за „Мета“ Славјанка Петровска, дополнителна заменик-министерка за внатрешни работи.

– Се работи на обезбедување на податоците за сторителите на кривичните дела, се вештачат телефоните кои се одземени од администраторот и креаторот на групата, како и други дејствија со цел што побрзо расчистување на случајот и поднесување соодветни пријави. До сега имаме добиено пријави од лица злоупотребени во групата од Кичево, Скопје, Тетово и Штип. Ги повикувам сите кои биле злоупотребени да пријават во најблиската полициска станица, апелираше таа.

Целта и намерата при креирањето на „Јавна соба“ треба да се разоткријат во текот на истрагата. Првично од нејзиниот основач беше посочено дека групата ја отворил заради забава и размена на смешни видеа, но целата работа излегла од контрола. Сепак понатаму треба да се утврди дали станува збор за група во која само се споделувале експлицитните содржини или станува збор за проституција и подведување, меѓудругото и на малолетни девојчиња.

Минатата година, како што посочија за МИА од Секторот за компјутерски криминал и дигитална форензика регистрирани се 11 кривични дела од областа на сексуална експлоатација на деца преку интернет, од кои шест кривични дела „производство и дистрибуција на детска порнографија“, при што кривично се пријавени пет сторители и пет кривични дела „прикажување на порнографски материјал на дете“ со кривично пријавени тројца сторители. Од почетокот на оваа година досега нема регистрирано ваков тип на кривични дела.

Согласно Кривичниот законик за производство и дистрибуција на детска порнографија казните се од пет до осум години. Тој што произведува детска порнографија со цел за нејзина дистрибуција или ја пренесува или ја нуди или на друг начин ја прави достапна детската порнографија, ќе се казни со затвор од најмалку пет години, стои во законот, а за тој што набавува детска порнографија за себе или за друг или поседува детска порнографија, ќе се казни со затвор од пет до осум години. Ако овие дела се сторени преку компјутерски систем или друго средство за масовна комуникација, сторителот ќе се казни со затвор од најмалку осум години.



Автор: Администратор
Објавено на: 02/02/2020 12:44