Основното јавно обвинителство во Велес донесе наредба за спроведување истражна постапка против едно лице за кривично дело убиство во обид, како и против две лица за помагање при извршување на кривичното дело убиство во обид и за кривично дело напад врз службено лице при вршење работи на безбедноста.
Секторот за внатрешни работи Велес поднесе кривична пријава против тројца браќа на возраст од 43 години, 29 години и 22 години за настанот што се случи на вчера во близина на градските гробишта во Велес, лоцирани кај црквата „Свети Спас“.
Како што соопшти денеска Јавно обвинителство на Република Македонија оштетениот полициски службеник во СВР Велес заедно со негова колешка во цивилна облека вршеле работни задачи кои се однесуваат на спречување и откривање на сторители на кривични дела тешка кражба поради зачестената појава на насилно одземање на предмети, чанти и паричници од лица ги посетуваат гробиштата на своите блиски.
– На критичниот ден оштетените биле забележани од тројцата пријавени со кои било и едно дете. Тројцата пријавени се доближиле до оштетените, а едниот од нив физички го нападнал оштетениот полициски службеник. Потоа му се придружиле и неговите двајца браќа. Во еден момент тие го турнале оштетениот на земја, па еден од нив се борел со оштетениот, додека другите двајца и задале неколку удари на оштетената. Детето ја задржувало оштетената да остане настрана и ја оневозможило да му помогне на колегата, стои во соопштението.
Од Јавно обвинителство на Република Македонија наведуваат дека еден од осомничените му го одзел на оштетениот службениот пиштол и додека оштетениот бил паднат на грб од пиштолот испукал три куршуми кон него, нанесувајќи му прострелни рани во пределот на стомакот и ногата. При испукувањето од пиштолот настанал застој, се подвлекува во соопштението, па оштетениот искористил момент да стане и да се оддалечи од местото на настанот.
– Осомничениот со пиштолот започнал да го брка и да трча по него, успеал повторно да го оспособи и репетира пиштолот и повторно испукал еден куршум во правец кон оштетениот, се посочува во соопштението.
До судија на претходна постапка при Основниот суд во Велес е поднесен Предлог за определување на мерка притвор за осомничените лица