Младиот возач на Ред Бул Хонда, Макс Ферстапен (22) е убеден дека во новата сезона може да го симне Луис Хамилтон од тронот во Формула 1.
Британскиот пилот веќе три години е суверен владетел во натпреварувањето, досега освои шест шампионски титули во кариерата и му недостасува уште една за да израмни со легендарниот пилот на Ферари, Михаел Шумахер.
„Луис е добар и сигурно е еден од најдобрите во историјата на Формула 1. Можеби Бог е со него, но самиот тој не е божество и убеден сум дека во 2020 година може да направиме многу поголем притисок врз него. Лесно е да се вози без вистинска конкуренција. Ние сме блиску и верувам дека можеме да го надополниме она малку што ни недостасува“, порача Ферстапен.
Тимовите на 19 февруари почнуваат со тестови на болидите, а новата сезона во Формула 1 почнува на 15 март со трката за ГН на Австралија.