Дваесет и четиригодишно момче од Боговиње и неговиот татко се приведени во полиција затоа што вчера помладиот со пиштол се заканувал на медицинска сестра во тетовската болница. Настанот се случил на Гинеколошкото оддление каде медицинската сестра извршила наплата на болнички услуги кои претходно ги користела неговата сопруга.
-Полициски службеници на СВР Тетово вчера околу 12 часот и 45 минути, ги лишиле од слобода Ф.Ш.(24) и А.Ш.(48), двајцата од тетовско Боговиње откако 15 минути претходно во ходникот на Гинеколошкото одделение Ф.Ш. извадил пиштол и упатил закани кон медицинска сестра, соопшти Марјан Јосифовски од СВР Тетово.
Од 24 годишникот бил одземен гасен пиштол „Екол алп“, калибар 9 милиметри со празна рамка. Двајцата се задржани во Полициската станица Тетово за целосно расчистување и документирање на случајот, по што ќе биде изготвен соодветен поднесок.