Возачот на автобусот боледува од дијабет 2 од 2010 година, што со терапија добро се регулира и има добра општа здравствена состојба, изјави вешто лице од Институтот за судска медицина презентирајќи ги извештаите за здравствената состојба на возачот Маноил Трифуновски, на денешното рочиште за „Ласкарци”.
Од систематските прегледи, појасни вештакот, се гледа дека нема друга болест и ниту прима терапија што може да влијае на способноста на управување со автобусот.
– Сите лабораториски наоди укажуваат на нормално ниво на шеќер на крвта, односно со терапијата е нормално регулиран, изјави вештакот, одговарајќи на прашања од обвинителот. За тоа како влијаела терапијата што ја земал врз способноста за управување со автобусот, вештакот рече дека Трипуновски примал само инсулинска терапија.
– Инсулинот и апчињата немаат влијание врз неговата способност за возење, рече вештакот.
Од медицинската документација и извршениот преглед на возачот на автобусот, рече вештакот, не нашле податок или медицински факт што би укажал дека на несреќата и претходело некое пореметување што влијаело на здравствената состојба.
– Од анализите на крв и урина направени по несреќата не е утврдено присуство на алкохол и други психотропни супстанци. Првиот лабораториски тест направен по незгодата покажува дека утринското ниво на гликоза во крвта било 10,1 милимол на литар, изјави вештакот.
Вештакот посочи дека вообичаено при вакви случаи се зема крв веднаш при прием во болница, а резултатите се издадени утрото.
– Крвта е земена некаде околу 18.50 часот, еден час и 50 мин по несреќата. Убедена сум дека по една таква несреќа и шок на организмот нивото на шеќер во крвта не одговара со тоа непосредно пред несреќата, нагласи вештакот.
Објасни дека врз нивото на шеќер влијаат многу фактори, а не е само храната.
– Причина за зголемената концентрација веројатно е поради стресот по незгодата. Ретроградно не може да се претпоставува колку изнесува нивото на шеќер, тој постојано варира, изјави вештакот.
На прашање од одбраната дали гликозата во крвта по три часа од земањето почнува да се раствара, вештото лице рече само доколку не се чува соодветно подолго време може да дојде до намалување на гликозата.
Вештакот на почетокот кажа дека од ЈО барале да направат вештачење за здравствената состојба на возачот Маноил Трпуновски за неговата способност за управување на автобусот, дали има некоја болест, дали примал терапија и дали таа би можела да влијае, како и повеќе прашања кои се однесувале на неговата здравствена состојба пред и по сообраќајната несреќа.
Од вешто лице во Институтот е извршен увид во целокупната медицинска документација и направен преглед на возачот на 5 март 2019 година.
Процесот го води судијката Диана Груевска Илиевска, а застапник на обвинението е јавниот обвинител Дарко Јакимовски.
За автобуската несреќа што се случи на 13 февруари годинава кај селото Ласкарци, во која загинаа 16 лица, а 37 беа потешко повредени обвинети се шест лица.
Сопственикот на „Дурмо турс“, Дурмиш Белули, одговорниот за транспорт во формата Ремзи Мифтари и возачот на автобусот Маноел Трифуновски се товарат за сторени тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот, додека тројцата вработени во станицата за технички преглед Игор Ѓорѓиевски, Горан Дуковски и Јане Боварски за соучество во истото дело.