Основното јавно обвинителство Скопје поднесе обвинение против едно лице кое ја малтретирало својата партнерка со која живеело во вонбрачна заедница и нејзината ќерка. За него Обвинителството побарало и мерка притвор.

– Обвинетиот на 7 јануари, во својот дом во Шуто Оризари, при вршење семејно насилство со умисла тешко телесно повредил една оштетена со која живеел во вонбрачна заедница. Тој најпрвин почнал вербално да ја навредува и физички ја нападнал, удирајќи ја со тупаници во пределот на лицето. Продолжил да ја удира по главата и телото и со тврди предмети – парче дрво и железна шипка, а потоа насилно ја турнал на подот и ја удирал со клоци во стомакот. На тој начин обвинетиот и нанел тешки телесни повреди на оштетената, изразени во вид на набиеници, скршеници и крвни подливи. Додека оштетената се обидувала да повика помош, обвинетиот се доближил до нејзината малолетна ќерка на возраст од три години, па грубо запоставувајќи ја својата должност за грижа и воспитување како очув, започнал да ја малтретира и да ја удира со дрвен предмет по телото, да ја гризе и да и ги става рацете на шпоретот, со што и нанел тешки телесни повреди, соопшти денеска Јавното обвинителство.

Надлежниот јавен обвинител до Основниот кривичен суд Скопје доставил и Предлог за продолжување на мерката притвор за обвинетото лице, ценејќи дека постои опасност од бегство, околности кои го оправдуваат стравот дека тој би можел да го повтори делото и да ја попречува кривичната постапка со влијание врз сведоците и вештаците.



Автор: Администратор
Објавено на: 06/02/2020 17:48