Продукциската компанија Лајонсгејт официјално го потврди снимањето на продолжението на ланскиот филмски хит „Нож в грб“ (Knives Out).
Првиот дел досега заработи речиси 300 милиони долари. Филмот го сочинува ѕвездена актерска екипа: Даниел Крејг, Дон Џонсон, Џејми Ли Кертис, Крис Еванс, Ана де Армас, Тони Колет, Кристофер Пламер…
Крими-приказната на сценаристот и режисер Рајан Џонсон, на прилично оригинален начин ѝ оддава почит на Агата Кристи – една од најпознатите писателки на криминалистички романи. Филмот доби и номинација за Оскар за најдобро оригинално сценарио.
Глумецот Дон Џонсон, кусо пред оваа официјална потврда, во интервју изјави дека би сакал да има удел и во евентуален втор дел, каде детективот Беноат Бланк (Даниел Крејг) ќе истражува нов случај на убиство.