Седумдесет и двегодишна жена загина, а шест лица се спасени во пожар што избувна во семејна куќа во Прилеп.
Пожарот се случил изутрината околу 8 часот и избил во приземјето на семејната куќа на Спиркоски на улицата „Никшиќка“ број 10.
Според Методија Николоски од прилепската противпожарна единица, повикот во единицата бил во 8,37 часот и со брза интервенција успеале да ги извлечат шест лица од огнената стихија.
-За многу кратко време противпожарната единица со 4 возила и 11 пожарникари пристигна на местото на пожарот. Стихијата избувнала во приземниот дел од куќата. Пожарот се проширил по скалилата на двата ката, но со брзата интервенција спречено е да ги зафати катовите. Спасени се човечки животи, шест лица се извлечени, но за жал еден човечки живот е загубен од пожарот, изјави Николоски.
Во приземјето каде што избувнал пожарот, од засега непознати причини живеела 72-годишната Олга Спиркоска. На катовите живееле двата сина на починатата со своите семејства. На првиот кат бил еден од нејзините синови со двете ќерки, а на вториот кат биле мајката и ќерката.
Сосетката Зора Јанческа која живее во куќа-лепенка до опожарената куќа, вели дека забележала чад и оган уште рано изутрината.
– Забележав пламен и чад кои излегуваа од приземјето, од гаражата, од просторијата каде што живееше 72-годишната сосетка. Потоа од првиот кат таткото ги спасуваше двете ќерки, а ќерката и мајката од вториот кат ги спасуваа пожарникарите. тешко беше, глетката беше страшна. Се извлекуваше автомобилот за да не настане експлозија, рече Јанческа.
Увид на местото на пожарот направи основен јавен обвинител. Беше констатирана смртта на 72-годишната Олга Спиркоска.
Опожарената куќа и семејствата ги посети прилепскиот градоначалник Илија Јованоски изразувајќи сочувство и најави материјална помош за семејствата.
-Ова е голема трагедија, загубен е човечки живот. Благодарност до противпожарната единица која со брзата интервенција ги спасила шесте лица кои во моментот на пожарот биле во куќата и го изгаснале пожарот. Општината со материјална помош ќе им излезе во пресрет на двете семејства. Се надевам дека ќе добиеме помош од стопанските субјекти за да им се помогне на семејствата, изјави Јованоски.
Ќе се истражуваат шричините за пожарот во семејната куќа во Прилеп.