По неколкуте случаи пријавени од правни и физички лица за измама, пред се, во Дебар, но и во Охрид, Секторот за внтарешни работи – Охрид ги предупредува граѓаните да бидат внимателни и да не наседнуваат на какви било понуди.

– Вчера во СВР Охрид, пријавен е случај кога едно лице, лажно претставувајќи се дека е директор на туристичка агенција, во два угостителски објекти во Охрид, сторил измама поврзана со поголема група туристи. Сличен случај, на 18 јануари годинава во Одделението за внатрешни работи во Дебар, пријавил и сопственик на ресторан во Дебар, а два дена претходно стопанственик од истиот град, пријавил измама поврзана со нарачка на поголема количина лим, изјави Стефан Димоски, портпарол на СВР – Охрид.

Тој додаде дека во изминатиов период регистрирани се пријави од повозрасни граѓани кои пријавиле измама од лица кои нуделе набавка на огревно дрво по значително пониски цени.

– Ги известуваме физичките и правните лица, да внимаваат и да не наседнуваат на вакви и слични понуди од непознати лица и истите да ги пријават во најблиската полициска станица, посочува Димоски.

СВР Охрид презема засилени мерки за пронаоѓање на сторителите



Автор: Администратор
Објавено на: 10/02/2020 22:43