Четиринаесетгодишно девојче почина вчера на Универзитетската клиника за детски болести како последица од компликации од грип. Девојчето кое имало и други хронични заболувања, е првиот смртен случај асоциран со грип за оваа сезона, изјави денеска д-р Гордана Кузмановска од Институтот за јавно здравје, која рече дека за смртниот случај биле известени вчера од таа Клиника.

Таа посочи дека изминатата недела во државава се регистрирани 3.614 заболени од грип, што е зголемување за 27,9 отсто споредено со неделата пред неа кога биле регистрирани 2.825 заболени.

– Има тешки случаи меѓу заболените. Инфлуенцата е заболување кое кај одредени популациони групи, тоа се повозрасни лица, лица со хронични заболувања и мали дечиња може да даде тешки форми. И во секоја сезона сме имале такви заболени. Ги имаме на Инфективната и на Детската клиника. Во текот на изминатата недела нема смртни случаи. Расте интензитетот и големиот процент на позитивни добиени резултати од вирусолошки испитуваните материјали што говори дека активноста на вирусот е висока и очекуваме тоа да се одржи во наредните недела две и да го достигне својот пик. Само Демир Хисар нема пријавени заболени од грип, истакна д-р Кузмановска.

Таа потенцира дека со оглед на тоа дека сезоната почна две недели порано годинава, вкупниот број заболени е за 60 отсто поголем од вкупниот број заболени во изминатата сезона.

– Имаме голем број тестирани во нашата лабораторија за вирусологија и молекуларна дијагностика. Вкупно 108 материјали се тестирани од кои дури 69 се позитивни (64 проценти). Во ист процент се и инфлуенца А и инфлуенца Б изолатите. Најчесто заболуваат лица на возраст над 65 години, а зафатеноста оваа недела од децата на возраст до четири години сега се преместува кај децата на училишна возраст односно на возраст од пет до 19 години. Инциденцата е највисока кај овие популациони групи. Вкупниот број заболени од сезонски грип оваа сезона изнесува над 10.700 заболени, рече д-р Кузмановска.

Одговарајќи на новинарско прашање таа истакна дека затворање на училиштата и на други институции каде има групирање на население од различни возрасни категории е една од мерките која е на располагање на јавно здравствените авторитети, меѓутоа засега не е донесена таква мерка, што не значи дека во иднина нема да има потреба да се донесе.

– Ја следиме состојбата да видиме недела, две како ќе се движи и доколку има потреба ќе биде преземена и оваа или некоја друга мерка која здравствените авторитети ќе сметаат дека е соодветна, додаде д-р Кузмановска.



Автор: Администратор
Објавено на: 13/02/2020 15:12