Германскиот претседател Франк-Валтер Штајнмаер денеска индиректно го нападна својот американски колега Доналд Трамп обвинувајќи ги САД, Кина и Русија дека разгоруваат глобална недоверба и несигурност со „своите натпревари како големи сили“, со скриена закана за можна нова трка во нуклеарното вооружување.

Штајнмаер во своето воведно обраќање на годишната Минхенска безбедносна конференција го отфрли пристапот на трите големи сили во меѓународните односи и, без да го именува Трамп, не се согласи со ветувањето дека „повторно ќе ја направи Америка голема“.

– Повторно големи, дури и на штета на соседите и партнерите, истакна сакркастичпно Штајнмаер.

Социјалдемократот Штајнмаер како министер за надворешни работи во 2014 година, играше клучна улога во така наречениот „Минхенски консензус“ кога германското раководство објави дека Берлин е подготвен да преземе поголема одговорност за меѓународните односи. Германскиот претседател и денеска го повтори истиот став, при тоа изразувајќи незадоволство од надворешнополитичкиот пристап на Русија, Кина и САД.

– Русија ја врати воената сила и насилната промена на границите на европскиот континент како средство за водење политика. Кина го прифаќа само селективно меѓународното право, кога не е во спротивност со нејзините интереси додека нашиот најблизок сојузник, САД ја отфрла идејата за меѓународна заедница под сегашната администрација, посочи Штајмаер.

Тој додаде дека „резултатот е поголема недоверба, повеќе вооружување, помалку безбедност, се до нова трка за нуклеарно вооружување“.

– Како одговор, Германија мора да ги зголеми своите одбранбени трошоци за понатамошен придонес кон европската безбедност и да го одржи својот сојуз со САД, наведе Штајнмаер, признавајќи дека американските интереси се оддалечуваат од Европа и се упатуваат кон Азија.

Тој, исто така, повика на европска политика кон Русија „што не се сведува само на осуди на изјави и санкции“.



Автор: Администратор
Објавено на: 15/02/2020 00:59