Потпретседателот на Европската Комисија (ЕК), Марош Шефчович, е назначен за ЕУ претставник во комитетот за надзор на Договорот за повлекување на Обединетото Кралство.
Ова тело е предвидено во спогодбата за повлекување на Британците од ЕУ, спогодба договорена минатата година помеѓу двете страни, и чија цел е да ја постави рамката и модалитетите на истапувањето на Обединетото Кралство од ЕУ, јави дописничката на МИА од Брисел.
Денеска претседателката на ЕК, Урсула фон дер Лајен, го назначи Шефчович за ко-претседавач на заедничкиот комитет.
Телото ќе има задача не само да врши надзор врз имплементацијата на договорот, туку и да воведе механизам за решавање на спорови околу интерпретацијата на договорот.
Во случај да дојде до спор, двете страни ќе можат да се обратат до овој заеднички комитет.
-Улогата на Заедничкиот комитет мора сега да се фокусира на имплементирањето на заложбите од Договорот за повлекување и одблиску ќе работиме со Обединетото Кралство за да обезбедиме негово функционирање, изјави Шефчович.
Одлуката ја поздрави и главниот европски преговарач, Мишел Барние, кој порача дека успешно спроведување на овој договор ќе биде клучно за солидно итно партнерство помеѓу двете страни.
Заедничкиот комитет има задача и да одлучи дали ќе се пролонгира дополнително транзицискиот период по 31 декември 2020. Одлуката мора да биде донесена до јули годинава.