Епидемијата од коронавирус, која потекнува од кинескиот град Вухан, може да се смета за прва „инфодемија“. Изразот „инфодемија“ од зборовите информација и епидемија првпат го искористи Светската здравствена организација (СЗО).
Во извештајот од 2 февруари СЗО го нарече новиот коронавирус „голема инфодемија“, реферирајќи на големиот број информации, што дел од нив се точни, а некои не се, и затоа е тешко луѓето да пронајдат веродостојни извори и сигурни инструкции кога им се потребни.
Лажните информации се шират побрзо од вирусот, предупреди менаџерот за дигитални работни решенија на СЗО, Ендру Патисон.
Според последните официјални податоци од коронавирусот се починати 2.619 лица низ светот, од кои 2.592 се од Кина. Глобално се потврдени 79.000 случаи на заразени, од кои 77.152 се од Кина. Меѓутоа, нови случаи на епидемија избија во Италија, Јужна Кореја и Иран, каде што заразата се шири со драматична брзина.
Во Италија се починати седум лица, а над 200 се заразени, додека во Иран се починати 15 лица, а според непотврдени информации што ги истакна градоначалникот на градот Комо, бројот на смртни случаи е дури 50. Но, иранското Министерство за здравство го демантира неговото тврдење. И тоа е само последен пример за ширење лажни информации и конфузија што владее околу коронавирусот.
Кинеска двојка го посети Вухан, следниот ден е откриено дека заразата се шири од човек на човек
Индиректни последици на инфодемијата на своја кожа ги осетиле и Кинезите Томи Танг и неговата девојка, кои на 19 јануари заминале во посета на семејството на девојката во Вухан за новогодишните празници. Имале слушнато за новиот коронавирус, но мислеле дека е локализиран на мало подрачје. Владата во Кина ги уверила луѓето дека се загрозени само оние кои посетиле одреден пазар со храна и се заразиле од диви животни на тој пазар, известува МИТ технолоџи ривју.
Таа информација секако не била точна. Коронавирусот во тоа време веќе се проширил меѓу најголем дел од луѓето. Ден претходно се потврдени 58 случаи, по доста сомнителна 16-дневна пауза помеѓу првата група од 41 заразен и 17 нови. А потоа на 19 јануари се потврдени уште 136 заразени во Вухан и три лица надвор од Вухан. Беше повеќе од јасно дека се работи за епидемија.
Д-р Зонг Наншан, кинески доктор кој прв ги откри размерите на САРС во 2003, излезе на 20 јануари на телевизија и ги поправи официјалните информации за новиот коронавирус сличен на САРС. Кога ценетиот доктор Наншан потврди дека вирусот се шири од човек на човек, настана паника. Граѓаните од Вухан започнаа масовно да купуваат маски, но тоа не го направиле претходно бидејќи не биле предупредени од властите.
Танг и неговата девојка веднаш ги откажале своите планови и веднаш заминале од Вухан со авион следниот ден. За помалку од 48 часа градот бил во карантин, со целосен прекин на прометот во градот.
Дезинформации како за ниту една епидемија досега
Жителите на Шенџен сами се ставиле во 14-дневен карантин, бидејќи тоа е проценет период за инкубација на вирусот. Луѓето излегувале од становите само еднаш дневно, со маски, за да го фрлат ѓубрето. Храната и приборот ги нарачувале преку онлајн апликации. Танг не се ни појавил на фамилијарниот ручек на кинеска Нова година, иако неговото семејство живее во Шенџен.
Танг изјави дека се исплашил кога видел како скоро сите прехранбени продукти биле распродадени. Но, исто така, му било и тешко да ги следи вестите за епидемијата на социјалните мрежи. Никогаш не доживеал таков страв, изјави Танг. Танг и неговата девојка страдале од несоница и многубројни панични напади.
Сè повеќе лажни вести и теории за коронавирусот
Поплава од информации и дезинформации е тоа што го прави коронавирусот различен од САРС, МЕРС, зика, ебола и други слични епидемии. Теорија на заговор дека вирусите се биооружје имало и порано, со ХИВ, ебола, зика, но ширењето лажни вести и непроверени информации околу новиот коронавирус е невидено. Епидемијата донесе и нови тврдења, како на пример дека настанала од јадење супа од лилјаци или дека се лечи со лук, витамин Ц или избелувач за облека.
Тука се и непроверените информации за размерите на самата епидемија и нејзиното ширење во други земји, во кои со добра или лоша намера се шири паника. Најновиот пример доаѓа токму од Хрватска, односно Сплит, каде што преку апликацијата Ватс ап се проширила информација дека има потврден случај во сплитска болница, иако во меѓувреме се потврди дека сплитскиот пациент за кој се сомневале е всушност негативен на коронавирусот.
Исто така тоа доведе и до предрасуди и расистичка нетрпеливост кон Кинезите. Со малтретирање Кинези или оние кои така изгледаат на Западот, расистички „мемиња“ и навреди на апликациите Фејсбук и Тикток. Слична дискриминација владее и во Кина, кон граѓаните на милионскиот Вухан и провинцијата Хубеи.