Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди на МВР постапувајќи по примена анонимна претставка од 04.02.2020 околу настан од 09.12.2019 во с. Горно Врановци, општина Чашка, во кој постапувале полициски службеници од СВР Велес, поради постоење на основи за сомнение за сторено кривично дело – “несовесно работење во службата” , по член 353-в став 1 од Кривичниот закон до ОЈО за ГОКК поднесе кривични пријави против полициските службеници З.Ј., М.А., , Т.А., Е.Т. и Т.И..
Исто така ОВККИПС констатира дека З.Ј. Е.Т., Т.А. и Т.И. сториле повреда на работниот ред и дисциплина од член 208 став 1 точка 3, 4, 10 и 19, додека М.А. сторил повреда на работниот ред и дисциплина од член 208 став 1 точка 3 и 4., поради што ќе биде предложена иницијатива за поднесување предлог за утврдување на нивна дисциплинска одговорност согласно член 221 став 3 и член 225 од Колективниот договор на МВР.
Имено, според изнесените наводи во анонимната претставка на 09.12.2019, во с. Горно Врановци, при вршење на контрола од страна на полициски службеници од ПО Чашка, ПСОН Велес, бил сопрен трактор со приколка натоварен со дрва, при што од полициските службеници било повикано засилување бидејќи на местото на настанот пристигнала голема група жители од околните села, по што на лице место дошле други полициски службеници со формациско вооружување и полна опрема (панцири), а исто така и увидна екипа од СВР Велес, која извршилe фотографирање на моторното возило и дрвата.
Поради големиот притисок да не се одземат тракторот и дрвата, на лице место пристигнале и полициските службеници началник на СВР Велес З.Ј., началник на Одделението за полиција Е.Т., а нешто подоцна и командирот на ПСОН Велес Т.А. и помошникот началник на СВР Велес, М.А. На лице место бил и градоначалник на Општина Чашка, како и полициски службеници од Шумска полиција.
Од присутните раководни полициски службеници, во постапувањето по настанот биле дадени насоки настанот да се заведе како “пронајдени предмети – дрва” , а тракторот со приколката да се врати на сопственикот, а изготвените фотографии од увидната група да не се изработуваат.
Затоа ОВККИПС спроведе целосни проверки на изнесените наводи околу настанот при што ја утврди следната фактичка состојба:
Имено, на 09.12.2019 год., околу 15,40 часот во ПО Чашка – ПСОН Велес, СВР Велес, по телефон, се јавил полицискиот службеник Т. А., командир во ПСОН Велес, пренесувајќи известување, наводно од “пријателска врска”, дека на локалитет над мотелот кај с. Горно Врановце, од страна на непознати сторители имало исечени дрва, и притоа наредил да се испрати полициска контрола од ПО Чашка (каде што во тоа време немало назначен командир). Набргу, на местото на настанот биле испратени двајца полициски службеници од ПО Чашка. Истовремено командирот на ПСОН Велес за настанот го известил и началникот на Одделението за полиција при СВР Велес Е.Т., а од негова страна до полициската патрола на терен биле пратени и координатите за местото каде имало нелегална сеча.
Откако околу 16,00 часот двајцата полициски службеници пристигнале на посоченото место, после половина час го лоцирале тракторот со приколка, исечените огреви дрва како и две лица и во координација со дежурниот полициски службеник во ПО Чашка кој што пак за случајот го известил и ЦИК СВР Велес, веднаш интервенирале, меѓу другото и околу обезбедувањето на самото место и утврдување на идентитетот на двете затекнати лица. Во меѓувреме од ПО Чашка бил повратно информиран Т.А. командир на ПСОН Велес кој дополнително дал насоки да се извести дежурната служба во ПСОН Велес и да се извести ОКТУПА при СВР Велес заради вршење крим- техничка обработка, како и надлежните во Шумската полиција Велес.
Полициските службеници на местото на настанот констатирале дека биле исечени околу седум просторни метри разни видови огревно дрво (габер, бука и костен) а во приколката на тракторот марка “CHANGFA 454” (без регистарски таблички) биле натоварени уште околу два кубни метра дрва (по првична проценка на полициските службеници). Исто така лицата биле идентификувани а се работело за Ќ.С. (36) со привремен престој во Италија и Н.А. (19) и двајцата од село Горно Врановци.
Притоа Ќ.С. изјавил дека исечените дрва ги берел за лични потреби, без дозвола за сечење, од причина што пред неколку дена се вратил од Италија и немал време да ги извади потребните документи, укажувајки дека повеќето селани од Горно Врановци и околните села, за свои потреби , сечат дрва, без потребните дозволи. Но во еден момент Ќ.С. се тргнал на страна разговарајќи по телефон , по што набргу таму дошло лицето С.А. (43) од с. Г. Врановци, татко на Н.А. заедно со поголема група лица од с. Горно и Долно Јаболчиште , а нешто подоцна и од жители од село Сливник, со цел да спречат одземање на тракторот, така што во еден момент едно повозрасно лице отворено се заканило дека – “само преку нив мртви ќе бил одземен тракторот и приколката”, така што состојбата од релативно мирна, станала тензична со можност да ескалира.
Двајцата полициски службеници го известиле дежурниот во ПО Чашка за новонастанатата сосотојба, барајќи засилување. За сето ова околу 17,30 часот бил запознат командирот на ПСОН Велес кој што во меѓувреме заедно со помошник началникот на СВР Велес М.А. пристигнале во ПО Чашка, и тој издал наредба да се ангажираат и други полициски службеници кои се на работа и исто така и УПС кои не се на работа, меѓу кои и Т.И., водич на безбедносен реон во ПО Чашка, и во моментот, поради немање на командир во ПО Чашка, највисок старешина во ПО Чашка. Во текот на организирањето на засилување кон полициските службеници се придружиле и тројца службеници на Шумската полиција.
Откако повеќе полициски службеници пристигнале на местото на настанот каде што била поголемата група жители од околните села и и им рекле дека дрвата со тракторот ќе бидат земени и однесени во ШС Бабуба, едно лице им се обратило од групата нагласувајќи дека додека не стигнат повисоки старешини тракторот и дрвата нема да се земат.
Околу 19,00 часот помошникот началник на СВР Велес и командирот на ПСОН Велес пристигнале до мотелот во село Г.Врановци каде се задржале кусо време, без да заминат на местото на настанот и околу 21,00 часот се вратиле во ПО Чашка каде што требало да дојде началникот на СВР Велес и началникот на Одделението за полиција при СВР Велес Е.Т.
Додека се одвивало сето ова, на местото на настанот извршена е крим-техничка обработка, направено е фотографирање на тракторот со приколката и натоварените дрва, како и на исчечените дрва до него. Полицискиот службеник од ОКТУПА при СВР Велес по завршените службени дејствија заминал во ПО Чашка, каде пристигнал околу 21,20 часот а потоа со возило на ОКТУПА заминал кон Велес каде по пат бил пресретнат од З.Ј. и Е.Т., на кои од службениот фотоапарат им ги дал на увид направените фотографии од лице место.
Во 21,30 часот во ПО Чашка дошол и градоначалник во Општина Чашка, и тој заедно со З.Ј. Е.Т. Т.А. заминале кон с. Г. Врановци. Претходно, З.Ј. му се јавил на Р.Р., началник на ОКП при СВР Велес, и го запознал со настанот и добиените сознанија при што му издал наредба да се јави на Дежурниот јавен обвинител во ОЈО Велес и да побара насоки за постапување .
Началникот на ОКП се јавил во ОЈО Велес и и го запознал дежурниот обвинител за добиените сознанија, но не можел да одговори на дополнителните прашања од обвинителот од причина што за истите немал добиени информации. Затоа од ЈО биле добиени воопштени насоки , во однос на тоа како да се постапи со оглед на тоа што не се знае дали станува збор за кривично дело или прекршок и да се извести шумска полиција за таа да поднесе соодветна пријава, а во однос на тракторот било кажано дека во тој случај истиот не се одзема доколку не се докаже дека со него е извршено кривичното дело или прекршок , а тоа се утврдувало на лице место. Ова мислење на ОЈО Велес било пренесено на началникот на СВР Велес.
По пристигнувањето на местото на настанот З.Ј. и Е.Т. кратко разговарале со некои лица од групата, а потоа З.Ј ја повикал групата да се разотиде и да останат само три лица, на кои им наредил да се качат на тракторската приколка и да ги растоварат дрвата, што било сторено , по што З.Ј. му рекол на Ќ.С. (едниот од двете затекнати лица со тракторот) да го стартува тракторот, да замине и да се јави на домашните дека ќе имаат гости , и да припремат чај и кафе.
За тоа време двајцата полициски службеници коишто први стигнале на местото на настанот кога стигнале до службеното возило со кое дошле наишле на тракторот со кој управувал Ќ.С. го сопреле и во консултација со водичот на безбедносен реон во ПО Чашка Т.И. изготвиле потврда за привремено одземени предмети за бесправно исечени седум просторни метри дрва, која што Ќ.С. одбил да ја прими и потпише со коментар дека – така не било договорено со началникот З.Ј.
Во врска со настанот бил изготвен записник за предавање на предмети (дрва) кој го примил и потпишал службеник од Шумската полиција, со забелешка дека предметите се одземени од Ќ.С., а исто така од ЈП Национални и Шуми -шумско стопанство “Бабуна” е поднесен Записник за примање на пријава , со оглед на тоа што како оштетен се јавува ЈП Национални Шуми, за сторена штета во износ од 34.300 денари. Дрвата биле обезбедувани цела ноќ од Шумска полиција и ЈП Македонски Шуми се до утредента кога бил обезбеден утовар и превоз на истите од страна на ШС “Бабуна”, во склад за што била сочинета потврда за превоз на предмети
Вечерта по настанот, односно разотидувањето на групата луѓе полициските службеници З.Ј., М.А., Е.Т. и Т.А., заедно со градоначалникот на општина Чашка отишле во куќа во с. Г. Врановци , каде во присуство на неколку лица се напиле кафе а потоа, околу 23,30 часот заминале.
Во натамошниот тек на случување, со оглед на тоа дека во електронскиот билтен на МВР бил отворен настан и потребата истиот да се затвори од страна на водичот на безбедносен реон од ПО Чашка Т.И., телефонски било стапено во контакт со командирот на ПСОН Велес Т.А. откако го запознал со превземените мерки, односно сочинетата потврда за привремено одземени предмети и Записникот за предадени предмети, на Т.И. му била издадена наредба истите да се уништат и да се изготват со “пронајдени предмети од НН сторител”. Така што по ова од ШПС Велес било побарано да се издаде нова потврда за предавање на предмети. Во однос на целиот случај од страна на ПО Чашка, ПСОН Велес и СВР Велес, во наредниот период не се превземени никакви понатамошни активности ниту настанот е елабориран на работните состаноци на раководната структура на СВР Велес.
Сепак околу настанот од 09.12.2019 год., во с. Г. Врановци, ОЈО Велес со Наредба доставена до СВР Велес 09.01.2020 година, бара – во врска со поднесена Кривична пријава бр. 141-148/5 од 24.12.2019 година од страна на ШПС Велес – да бидат превземени активности во однос на пронаоѓање на сторителот на пријавеното кривично дело, која е проследена за постапување во ПО Чашка
Во постапувањето по предметната наредба, од страна на задолжениот полициски службеник, Т.И. водич на безбедносен реон во ПО Чашка , без да се извршат бараните проверки, паушално е изготвено Известување од 03.02.2020, за што е и изготвен и пропратен акт до ОЈО Велес , кој не е заведен со број во Деловодната книга на СВР Велес.
При отпочнувањето на проверките од страна на ОВККИПС по анонимната претставка, предметното известување со попратниот акт со Потврда за привремено одземени предмети од 07.02.2020 год., се одземени а, за истото веднаш непосредно е известен ОЈО Велес . Покрај ова, актуелниот началник на СВР Велес го извести ОВККИПС дека во однос на предметната наредба од ОЈО Велес од страна на СВР Велес е сочинето ново известување од 11.02.2020 год., врз основа на проверки извршени од 10.02.2020 год., од полициски службеници од ПО Чашка, и притоа во истото се наведува за постоење на индиции за сторителот на кривичното дело , односно дека истиот е Ќ.С. од с. Г. Врановци.
По сите направени проверки на ОВККИПС констатирано е дека полициските службеници З.Ј. како тогашен началник на СВР Велес, М.А. како помошник на началникот на СВР Велес, Т.А, како командир на ПСОН Велес, Е.Т. како началник на Одделението за полиција при СВР Велес, Т.И. како водич на безбедносен реон во ПО Чашка, по однос на законското ефектуирање на самиот настан, сториле повреди на низа интерни правни акти на МВР особено во делот на надлежностите и обврските за постапување, но и повреди на одредби на Кривичниот закон и Законот за кривична постапка, дотолку повеќе што од увидот во фактографијата на самиот настан јасни се индициите за сторено кривично дело по член 235 став 3 од КЗ.
Според Записник за примање на пријава , ЈП Национални и Шуми – Шумско Стопансво “Бабуна” и кривичната пријава од 24.12.2019 година. како оштетен се јавува ЈП Национални Шуми, а сторената штета е проценета во износ од 34.300 денари.