Единицата за недозволена трговија со дрога при СВР Скопје вчера по претходно добиени оперативни сознанија, во близина на последната автобуска постојка во Хиподром , извршила легитимирање и личен преглед на лицето А. М. (27) од село Булачани. При претресот кај лицето пронајдена е една кеса во која имало две полиетиленски кеси со марихуана и една дигитална вага, соопшти МВР.
По обезбедена судска наредба, како што информираат од МВР, извршен е претрес во домот на приведеното лице во село Булачани каде што е пронајдена лабораторија за производство на марихуана, во која се пронајдени 69 садници високо квалитетна марихуана – (сканк) , како и техничка опрема составена од греачи, грејни сијалици, пумпа за вода, филтер и систем за вентилација, три поголеми најлонски кеси со марихуана спремна за продажба, четири пластични шишиња со кафеава течност –масло произведено од марихуаната.
Дваесет и седумгодишниот А.М. е лишен од слобода во полициска станица за понатамошни мерки, а за настанот е известен дежурен јавен обвинител.