Основното јавно обвинителство – Битола поведе постапка против четири лица, жители на Ресен, поради сомнение дека како соизвршители, со временски поврзани дејствија сториле продолжено кривично дело „измама“.

Како што соопшти Јавното обвинителство, јавниот обвинител со донесување на наредбата за спроведување истражна постапка до Судијата на претходна постапка од Основниот суд во Битола достави и предлог за определување притвор за осомничените. Предлогот, како што се наведува, беше прифатен и судот со решение на четворицата осомничени им определи притвор во траење од 30 дена.

– По проверка на наводите од поднесените кривични пријави, јавниот обвинител кој постапува во предметот утврди дека во периодот од крајот на јануари 2020 година до крајот на февруари 2020 година во Битола и Ресен, четворицата осомничени – прокурист, управител и двајца надворешни соработници во правното лице „ЏИМ БИМ 2019“ ДООЕЛ Ресен, претходно се договориле и со поделба на работите, со намера за себе да прибават противправна имотна корист, искористиле исти прилики, па ги довеле во заблуда и оштетиле три правни лица од Руската Федерација, Република Унгарија и од Босна и Херцеговина, се вели во соопштението од ЈО.

Осомничените преку Фејсбук профил „TopFruit Fruit“ објавиле дека продаваат јаболка по што стапиле во контакт со секој од оштетените.

На претставник на оштетеното правно лице „Fruit Country KFT“ од Република Унгарија му прикажале дека можат да му продадат јаболка во поголема вредност од 7.095 евра (во денарска противвредност 433.944,00 денари). Оштетеното правно лице требало да ги уплати парите на сметка на правното лице „ЏИМ БИМ 2019“ ДООЕЛ Ресен. Осомничените доставиле профактура и кажале дека јаболката со камион ќе тргнат следниот ден за Унгарија, со што на 4 февруари 2020 година го навеле правното лице од Унгарија, на штета на својот имот, да им го исплати наведениот износ во поголема вредност од 433.944,00 денари.

Истата постапка ја повториле и со сосопственик на оштетеното правно лице „Нерко Промет“ ДОО Хан Плоча, Општина Кисељак, БиХ. Осомничените прикажале дека можат да продадат јаболка и дека за еден камион од 21 тон треба да се уплати износ од 3.570 евра на сметка на правното лице „ЏИМ БИМ 2019“ ДООЕЛ Ресен. Потоа на 11 февруари 2020 година преку електронска пошта доставиле профактура. Оштетениот бил наведен да ангажира и транспортна фирма за превоз на јаболката. Со овие дејствија осомничените го навеле оштетениот на штета на своето правно лице да исплати износ во поголема вредност од 219.555 денари.

На претставникот на оштетеното правно лице ООО „ПИМЕНТА“ Москва од Руската Федерација, осомничените му прикажале дека можат да му продадат два контејнери јаболка во количина од 44 тони од сортата „ајдаред“ по цена од 370 американски долари за тон, еден контејнер јаболка во количина од 22 тони од сортата „гренисмит“ по цена од 400 американски долари за тон и седум контејнери јаболка од сортата „црвен делишес“ во количина од 154 тони по цена од 480 американски долари за тон. Во цените бил вклучен превоз до Солун. Правното лице требало да уплати 50 отсто од вкупната вредност, односно 49.170 долари на сметка на правното лице „ЏИМ БИМ 2019“ ДООЕЛ Ресен.

Откако оштетениот пристигнал во Република Македонија, двајца од обвинетите го однеле во село Бистрица и во Ресен каде му покажале јаболка, потоа се договарале за изгледот на етикетите, за амбалажата и на 19 февруари 2020 година преку електронска пошта му доставиле профактура од правното лице „ЏИМ БИМ 2019“ ДООЕЛ Ресен на наведениот износ. Го навеле оштетениот на штета на имотот на правното лице да им го исплати износот во значителна вредност од 2.674.848 денари.

Обвинетите по пристигнување на парите од оштетените правни лица ги префрлале на своите трансакциски сметки и подигнале износ од 100.000 денари како материјални трошоци, иако за таквите трансакции немало никаков правен основ. Со тоа ја испразниле сметката на правното лице, а на оштетените правни лица не ги испорачале јаболката, ниту ги вратиле парите. ​



Автор: Администратор
Објавено на: 10/03/2020 14:11