Основното јавно обвинителство – Скопје донесе наредба за спроведување истражна постапка против 24-годишен скопјанец, поради основано сомнение дека го извршил кривичното дело „неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори“ од член 215 став 1 од Кривичниот законик.

– При извршен претрес на 10 март 2020 година во домот на осомничениот во населбата Илинден, биле пронајдени девет поединечни пакувања наркотична дрога марихуана во вкупна нето маса од 212,65 грама, како и психотропна супстанца – амфетамин во вкупна нето маса од 25,73 грама, спакувана во шест поединечни пакувања. Дрогата која осомничениот ја држел неовластено заради продажба е одземена од страна на полициските службеници, се наведува во соопштението на Јавното обвинителство.

Во соопштението се посочува дека во насока на обезбедување непречено водење на кривичната постапка, јавниот обвинител кој постапува во предметот достави предлог за определување на мерка притвор за осомничениот поради постоење на опасност од бегство и околности кои го оправдуваат стравот дека осомничениот ќе го повтори кривичното дело.

– Решавајќи по предлогот на обвинителството, судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје со решение на осомничениот му определи куќен притвор во траење од 30 дена, се додава во соопштението.



Автор: Администратор
Објавено на: 11/03/2020 15:40