Два месеци трае потрагата по исчезнатата Марија Брзакова (28) од Босилово, а од неа нема ниту трага, ниту глас. Таа исчезна на 18 јануари годинава во утринските часови, а десет денови по нејзиното исчезнување истрагата за неа ја води Основното јавно обвинителство во Струмица.

Оттаму велат дека нема нови информации, а истрагата интензивно продолжува во содејство на ОЈО Струмица и полицијата. Ообвинителството разгледува повеќе можности на случајот-дали младата мајка навистина е исчезната, можноста од самоповредување или одземање на сопствениот живот, но и можноста од насилна смрт.

Неколку денови по нејзиното исчезнување стотина ловци и граѓани во координација со полицијата трагаа по Брзакова по течението на реките Турија и Струмица, канали, по полето, дури и по браните на Дрвош и Иловица и Монспитовското блато. Низ градот и населените места се уште стојат флаери со нејзини фотографии и со контакт броеви на кои што може да се обратат граѓаните. Тие се залепени по јавните површини, но и по излозите на продавниците.

Дваесет и осум годишната Марија Брзакова исчезна на 18 јануари. Според информациите од блиските била облечена во тренерки во темна боја, на нозете имала патики или влечки, со себе не носела ташна, мобилен или било каков документ. Висока е околу 160 сантиметри, средна градба, со долга костенлива коса, а исчезнувањето во полицијата го пријавил нејзиниот сопруг.



Автор: Администратор
Објавено на: 18/03/2020 11:24