Oсновното јавно обвинителство Битола поднесе предлози за издавање казнени налози против две лица заради кривично дело – Непостапување според здравствените прописи за време на епидемија, информираат од Јавното обвинителство.
-Обвинетите не постапиле според прописите и наредбите со кои се определуваат мерки за сузбивање или спречување на заразна болест предизвикана од коронавирусот COVID-19, односно не ја почитувале Одлуката за забрана и посебен режим на движење на територијата на Република Северна Македонија донесена од Владата. Првиот обвинет 18- годишен жител на Битола, на 26 март, во 01:25 часот со патничко моторно возило Рено 19 без регистарски таблици се движел по ул.„8-ми Септември“. Втората обвинета, на возраст од 33 години, на 26 март во 00:30 часот била затекната како лежи во алкохолизирана состојба на ул. „Прилепска“, велат од обвинителство.
За секој од двајцата обвинети Основното јавно обвинителство Битола му предложи на Основниот суд Битола да изрече парична казна од 100 дневни глоби, при што вредноста на една дневна глоба да биде определена на 20 евра во денарска противвредност.