Фотографии од групната изложба „Јас и 1000 зборови“, која требаше да биде отворена во Уметничка галерија Тетово, од денеска се претставени онлајн на фејсбук-страницата на оваа национална установа зашто галерискиот објект е затворен поради вонредната состојба со коронавирусот.

– Избрани се и може да се погледнат 31 фотографија. Повеќето автори ги претвораат традиционалните теми во прекрасен опис на различни фотографски простори, во кои доминираат геометриски линии на пејзажи. Имаме и спонтани слики кои функционираат слично на емоционалното искуство на самиот фотограф, кој со драматичните ефекти на светлината, ги прави видливи некои површини, а во други се впуштаме во неговиот аналитички проблем. Значи, фаќајќи ја величественоста на времето и просторот во единствена оптичка точка, фотографите успеваат да ги обединат во една трансцендентална целина содржината, формата и структурата, правејќи нѐ и нас сведоци, информираат од Галеријата.

Конкурсот за изложбата „Јас и 1000 зборови“ беше отворен од 20 февруари до 2 март 2020 година, а темата на фотографиите беше по слободен избор.



Автор: Администратор
Објавено на: 02/04/2020 17:23