Основното јавно обвинителство Битола поднесе Предлог за издавање казнен налог против шест лица кои го сториле кривично дело „непостапување според здравствените прописи за време на епидемија“, информираат од Јавното обвинителство.

– Обвинетите за одделни кривично правни настани, се товарат дека вечерта на 4 и 5 април, за време на полицискиот час, се движеле низ Битола пеш или со возило. Со тие дејствија не ја почитувале Одлуката за забрана и посебен режим на движење на територијата на Република Северна Македонија, донесена како мерка за сузбивање и спречување на заразната болест Ковид-19, соопштија од обвинителство.

Обвинителство побара од Судот на обвинетите за стореното кривично дело да им определи парична казна во износ од по 100 дневни глоби, при што вредноста на секоја дневна глоба да биде одредена на 20 евра во денарска противвредност.

За едно лице, дете на возраст од 16 години, јавниот обвинител до Судија за деца во Основниот суд во Битола поднесе Барање за поведување подготвителна постапка. Детето, заедно со двајца од обвинетите, се движело пеш во вечерните часови за време на забраната за движење.



Автор: Администратор
Објавено на: 06/04/2020 12:06