Ограничувањата за Французите почнаа на 17 март и веројатно ќе продолжат барем до почетокот на мај. Иако официјалната одлука сè уште не е донесена од владата, Жан-Франсоа Делфреси, претседател на научниот совет за „Ковид-19“, се залага за нивно продолжување по 15 април, јави дописникот на МИА.
-Сè уште не го достигнавме пикот на оваа епидемија, објаснува Жан-Франсоа Делфреси за БФМТВ. Мораме да бидеме строги со нивното почитување. Мислам дека е подобро веднаш да кажам …… премногу е рано да се предвиди датум за кревање на мерките. Тоа ќе биде можно на почетокот на мај, рече претседателот на научниот совет за „ Ковид-19 “.
Научникот притоа потсети дека почитувањето на ограничувањата се индивидуална и колективна одговорност, чија цел е да се намали заразата, но исто така да им се овозможи на болниците да се справат со пристигнувањето на пациентите, особено во интензивната нега.
-Кога видов оваа недела, што се случи во Париз, кога заради убавото време имаше многу излезени луѓе, јас велам дека тоа е форма на колективно самоубиство, како за оние што излегоа, така и за другите “, кажа Делфреси .
Националната академија за медицина се залага, кога ќе дојде до одлуката за кревање на мерките за вонредната состојба, тоа да биде според регионите, а не според старосната група, со строги ограничувања на патувањето и одржување на мерките на „социјално дистанцирање“.
Во Париз, градското собрание и префектот на полицијата, во вторникот, објавија забрана за какво било индивидуално спортско дејствување во Париз од 10 до 19 часот започнувајќи од утре.