Основното јавно обвинителство Струмица поднесе предлози за издавање казнени налози за 69 лица кои во одделни кривично правни настани го извршиле кривичното дело – Непостапување според здравствени прописи за време на епидемија.
Како што соопшти Јавното обвинителство, седуммина од обвинетите не се придржувале на мерките за задолжителна самоизолација. За време на пандемија од глобални размери, не постапиле според прописите и наредбите со кои се определуват мерки за нејзино сузбивање или спречување, како и според одлуките на надлежните институции.
Еден од нив, во државава влегол преку меѓународниот аеродром во Скопје враќајќи се од Република Германија на 11 март. Бил известен за должноста за самоизолација, за што потпишал и изјава, но на 20 март излегол од семејниот дом и управувајќи возило се движел по улиците на Струмица.
Друг обвинет се вратил од Република Германија и во Република Северна Македонија влегол на граничниот премин „Табановце“ на 12 март. Но задолжителната самоизолација од 14 дена не ја почитувал, туку на 20 март излегол од домот и отишол во фризерски салон во Струмица.
Двајца од обвинетите на 13 март 2020 година се вратиле во државава од Република Швајцарија и согласно на одлуките и потпишаните изјави за самоизолација требало во следниот период од 14 дена да не го напуштаат нивниот дом. Но, на 20 март 2020 со возило двајцата сопружници отишле на гости кај роднини во Струмица, а едниот од нив на 23 март со возило преку граничниот премин „Деве Баир“ ја напуштил државата и заминал за Република Швајцарија.
Петтиот обвинет за непочитување на самоизолацијата во државата дошол од Република Германија на 13 март 2020 година. Но, на 18 март со возило заминал за Радовиш каде престојувал во стан со неговата партнерка до 20 март, кога полициските службеници констатирале дека лицето не ја почитува изречената мерка.
Од Република Германија се вратил и обвинет кој во државата влегол на 14 март и требало должноста да ја изврши во неговиот дом во село Василево. Но на 20 март со велосипед се движел низ селото при што бил затекнат од полициски службеници.
Седмото обвинето лице се вратило на 14 март 2020 од Велика Британија, но не се придржувало на самоизолацијата, па на 21 март излегла од својот дом и отишла да пазари.
За овие обвинети, Основното јавно обвинителство Струмица со поднесување на предлогот за издавање казнени налози на надлежниот суд му предложи да им изрече парични казни во висина од по 100 дневни глоби, секоја од нив од по 30 евра во денарска противвредност.
Основното јавно обвинителство Струмица поведе постапка и за 62 лица кои не го почитувале полицискиот час во Струмица. Сите обвинети не ги почитувале прописите и одлуките на Владата со кои се определуваат мерки за спречување и сузбивање на заразната болест КОВИД-19, односно Одлуката за забрана и посебен режим на движење на територијата на Република Северна Македонија. Тие за време на полицискиот час биле затекнати како се движат на различни локации во градот.
За обвинетите кои се товарат дека не го почитувале полицискиот час, обвинителството на судот му предложи на секој од нив да изрече парична казна во износ од по 100 дневни глоби, секоја од нив во висина од по 20 евра, односно за секој од обвинетите паричната казна да е во висина од по вкупно 2000 евра во денарска проиввредност.секоја од нив по 20 евра во денарска противвредност, односно по вкупно 2000 евра денарска противвредност за секој од обвинетите.