Четиригодишно дете вчера загина откако во него и во уште три малолетни лица пред здравствената амбуланта во струмичкото село Банско удрило патничко возило. Со тешки телесни повреди се здобил 14-годишен пешак.

Како што соопшти Министерството за внатрешни работи, вчера околу 14:10 часот пред здравствена амбуланта во село Банско, струмичко, М.Н.(25) од селото, управувајќи патничко возило „застава“, со струмички регистарски ознаки, изгубил контрола и удрил во четири малолетни лица, на четири, девет, 14 и 17 години, сите од селото Банско, а потоа во електричен столб.

– По незгодата возачот и пешаците биле пренесени во Медицински центар Струмица за укажување на лекарска помош, при што кај четиригодишникот од лекар била констатирана смрт, а со тешки телесни повреди се здобил 14-годишниот пешак. Кај возачот и другите двајца малолетници се констатирани телесни повреди, се наведува во соопштението.

Увид на местото на настанот извршила увидна екипа на СВР Струмица.



Автор: Администратор
Објавено на: 11/04/2020 15:04