Основното обвинителство во Приштина ѝ наложи денеска на косовската полиција да покрене истрага во врска со заканата по живот што вчера, преку социјални мрежи, беше упатена кон вршителот на должноста премиер на Косово, Албин Курти, јави дописникот на МИА од Приштина.

Засега непознато лице за полицијата, кое на Фејсбук го користи името Даниел Арианити, вчера објави дека ќе го награди со 10 милиони евра оној кој ќе му ја донесе, како што напиша, „главата на Албин, албанскиот Фидел Кастро, психопат“.

– Државниот обвинител, во соработка со Полицијата на Косово, работи на откривањето на вистинскиот идентитет на споменатото лице и ќе ги преземе сите потребни дејствија во врска со овој случај, се вели во соопштението на приштинското обвинителство.

На 27 март годинава во Митровица беше уапсен 40-годишен маж кој, исто така преку социјалните мрежи, упати закани по живот кон претседателот на Косово Хашим Тачи.



Автор: Администратор
Објавено на: 11/04/2020 16:08