Од сабота во 21 часот до понеделник на полноќ, за да се спречи непотребно движење на граѓаните и дополнителни ширење на новиот коронавирус за Велигден во Грција казната од 150 евра за прекршителите на рестриктивните мерки двојно се зголемува, а сопствениците на возила може да се соочат со одземање на регистарските таблици, соопшти денеска заменик-министерот за цивилна заштита Никос Хардаљас, јави дописничката на МИА од Атина.

Паралелно, соопшти дека особено строги ќе бидат контролите за оние кои го користат исклучокот од забраната за движење, што се однесува на грижа на стари лица, но и уште еднаш го повтори она што континуирано го порачува грчката Влада дека за Велигден, забрането е одење на гости кај роднини и пријатели.

Во однос на денешните податоци за ситуацијата со Ковид-19 во Грција, претставникот на Министерството за здравство, професорот епидемиолог Сотирис Циодрас соопшти дека се регистрирани само 15 нови случаи, со што вкупниот број заразени со коронавирусот во земјата е 2.207 лица.

Во Грција веќе петти ден се намалува бројот на регистрирани случаи на Ковид-19.

Бројот на жртви, денеска се зголеми на 105 лица, откако во изминатите 24 часа починаа уште тројца, додека пак во грчките болници, приклучени на апарати се 69 лица.



Автор: Администратор
Објавено на: 17/04/2020 01:29