Тетовската полиција интензивно работи на предупредување на комби превозниците на владината мерка за прекин на јавен превоз на патници со цел да се спречи ширење на коронавирусот. Според информациите од СВР Тетово засега се вршат предупредувања но по стапување на сила на уредбата нема да има никакви толеранции и сите прекршители на мерката адекватно ќе бидат санкционирани.
–Веднаш по донесувањето на владината одлука, СВР Тетово изготви посебен анекс-план со кој се регулираат формата, начинот и динамиката на нејзината практична имплементација, односно влегувањето и излегувањето на возилата во и од Тетово. Веќе четврт ден денеска на три пунктови, лоцирани на улиците „Маршал Тито”( кај Монопол ), „Иво Лола Рибар”( во близина на фудбалскиот стадион) и „Видоја Смилевски-Бато” и „Илинденска” (на излезот кон Гостивар) се вршат континуирани контроли на возилата, при што уште еднаш сакам да потсетам дека целосно забранет е влезот во Тетово на меѓуградските автобуски оператори, такси комбињата и на сите други учесници во овдешниот локален јавен превоз, истакна Марјан Јосифоски, портпарол на СВР Тетово.
Во текот на изминатото деноноќие полицијата регистрирала нови прекршителите на полицискиот час. На подрачјето се евидентирани две лица кои не ја почитувале мерката за ограничено движење по 19 часот.