Пронајдено е возилото со кое беше прегазено четиригодишното дете во Струмица вчера во 17:35 часот, а возачот е во бегство, соопшти доцна синоќа портпаролката на СВР-Струмица, Хризантема Рендевска.
-Од страна на полициски службеници возилото е пронајдено и е во кругот на СВР- Струмица. Се преземаат мерки и активности за пронаоѓање на сторителот, рече Рендевска.
Несреќата се случи на улицата „Никола Тесла“ во Струмица, а со тешки телесни повреди се здоби четиригодишно дете-пешак.
По укажана лекарска помош во Медицински Центар Струмица заради карактерот на повредите детето е пренесено во Клиничкиот центар во Скопје.
Увид на местото на несреќата извршиле увидна екипа од полицијата во присуство на јавен обвинител.