Основното јавно обвинителство Дебар поднесе предлози за издавање казнени налози против три лица кои не го почитувале полицискиот час, соопштија од ОЈО Дебар.
Обвинетите, спротивно на Одлуката за забрана и посебен режим за движење на територијата на Република Македонија, во одделни кривично-правни настани, биле затекнати како без дозвола се движат надвор од нивните домови во часовите во кои е забрането движење на населението.
– Двајца од нив на 25 април се движеле по пат покрај брегот на Дебарското Езеро, додека третиот обвинет на 26 април бил запрен на регионалниот пат Струга-Дебар. Со ова тројцата сториле кривично дело – Непостапување според здравствените прописи за време на епидемија, информираат од обвинителство.
Надлежниот јавен обвинител на Основниот суд Дебар му предложи за секој од обвинетите да изрече парични казни во висина од 10 до 100 дневни глоби.