Основното јавно обвинителство Скопје поднесе обвинителен акт против едно лице за кривично дело неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори од член 215 став 1 од Кривичниот законик.

Како што соопшти денеска Обвинителството, обвинетиот на 25 април бил пресретнат од овластени полициски службеници во село Трубарево и притоа кај него биле пронајдени 74 грама наркотична дрога кокаин и 758 грама марихуана.

-Полициските службеници од обвинетиот одзеле и 110 цели и 14 ситни парчиња розеви таблети, 1763 сиви таблети, сива прашкаста материја со нето маса од 5,34 грама и сива кристална материја со нето маса од 4,59 грама, кои по состав се 3,4-метилен-диоксиметамфетамин (MDMA), стимуланс на централниот нервен систем класифициран во Националната листа на контролирани психотропни супстанции. Била пронајдена и една дигитална вага со остатоци од наркотични дроги и психотропни супстанции, се наведува во соопштението на Јавното обвинителство.

Посочуваат дека надлежниот јавен обвинител до Судот доставил и предлог за продолжување на мерката притвор за обвинетото лице, бидејќи постои опасност од бегство како основ заради кој мерката беше првично определена.



Автор: Администратор
Објавено на: 07/05/2020 12:39