Петмина дебрани заработија кривични пријави поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „непостапување според здравствените прописи за време на епидемија“.

Според портпаролот на Секторот за внатрешни работи од Охрид, Стефан Димоски, Одделението за внатрешни работи од Дебар поднело кривични пријави против С.П.(24) Р.П.(28) К.В.(20) Е.М.(40) и С.П.(35) сите од Дебар.

-Споменатите лица, во периодот од 29-ти минатиот до 3-ти овој месец, биле затекнати на улиците „Бетон“ и „Џавид Уштеленца“ во Дебар и при извршена контрола, полициските службеници констатирале дека немаат соодветна дозвола за движење за време на полицискиот час издадена од надлежен орган и не ја почитувале одлуката за забрана на движење на населението со цел заштита од Ковид-19, изјави Димоски.

Тој информираше дека безбедносната состојба во ова подрачје е стабилна.

-Во текот на изминатото деноноќие, за време на полицискиот час и спроведувањето на мерките за ограничено движење и заштита на граѓаните од ширење на коронавирус, на подрачјето на ОВР Дебар не се регистрирани непочитувања на истите. Во истиот период, не се пријавени и регистрирани нарушувања на јавниот ред и мир, кражби и сообраќајни незгоди, додаде Димоски.

Во Дебар, според него, нема лица во изолација освен само едно лице во самоизолација.



Автор: Администратор
Објавено на: 08/05/2020 15:16