Јавната локална библиотека „Илинден“ од Делчево ги додели наградите за најдобрите читатели. Како награда за редовноста во изминатата година од страна на библиотеката како што информираше директорката Билјана Петровска тие добија подарок книги.

-Традиционално и годинава ЈЛБ „Илинден“ избира и ги наградува своите најредовни читатели. Минатата година многу приказни или книги прочитаа голем број наши членови, меѓутоа ние избравме тројца читатели од различна возраст кои сепак беа најредовни и прочитаа најмногу. Тоа се од најмладите Милена Начовска, потоа Снежана Георгиевска, и од нашите повозрасни читатели читателката Соња Стоименовска. Тие денеска се наши гости во библиотеката, за што како награда ќе добијат книги, истакна Петровска.

Како што додаде Петровска, годинава награда за читател на годината ја добива читателката Милка Дуовска, која за жал почина, а во нејзино име наградата постхумно библиотеката ќе ја додели на нејзиното семејство.

За најредовните читатели Милена Начовска и Снежана Георгиевска наградите ќе значат стимул за уште поголема посветеност на пишаниот збор.

-Во библиотеката сум член подолго време, најмногу сакам да читам психолошки романи и трилери, бидејки ме интересира таква содржина, вели наградената читателка Милена Начовска.

-Во библиотеката сум зачленета од средношколските денови, најмногу ми се допаѓаат драмите, трилери и психолошки романи и ќе продолжам и понатаму да другарувам со книгата, рече читателката Снежана Георгиевска.

Соња Стоименовска како повозрасна наградена читателка заблагодарувајки се за наградата, апелираше до надлежните да се најде начин библиотеката да се премести од сегашниот трети кат на некое подостапно место со што повозрасните читатели ќе имаат подобар пристап при посетата на библиотеката.

Како стимул за понатамошно активно членство најдобрите читатели од страна на библиотеката ќе бидат ослободени ослободени од плаќање членарина за 2020 година.



Автор: Администратор
Објавено на: 03/06/2020 15:43