Света Бигорска обител денеска беше израдувана од прекрасното пеење на Лазаревата каланда „Кажи Лазаре“, којашто одекнуваше од устите на најмладите дечиња од реканскиот и дебарскиот регион.
-Овие прекрасни млади души, на чиишто лица сјаеше празничната радост, со чистина во срцата ни го најавија претстојното Пасхално торжество и преку каланда ни проговорија за Лазаревото Воскресение, кое е вовед во светлото и славно Христово Воскресение, рече сестра Ефимија.
Додаде дека дечињата, во придружба на своите родители, најпрво со воодушевување ги пееја каландите во манастирскиот двор, од каде што потоа се упатија кон работната игуменска одаја на нашиот старец епископ г. Партениј, за и нему да му ја пренесат сеопштата радост од Господовото воскреснување на четиридневниот Лазар.
-Таму тие беа срдечно и радосно пречекани од татковското срце и прегратка на дедото, а потоа и дарувани со традиционалните колачи Лазаринки, со велигденски ламбади и со други подароци, посочи сестра Ефимија.