Министерството за економија го објави јавниот повик за финансиска поддршка за компаниите за зајакнување на конкурентноста во пост ковид периодот.

Се предвидуваат 20 милиони евра за компаниите од преработувачката индустрија, трговијата и ИТ секторот кои во текот на 2020 година ќе реализираат инвестиција.

– Главната цел на оваа мерка е да се помогнат компаниите кои ќе ги изгубат пазарите за повторно освојување на пазарите- зголемување на нивната конкурентност, модернизација на процесите, зголемување на продуктивноста со што ќе се одржат деловните потфати кои ќе придонесат за опоравување на економијата на земјата, преку реализација на инвестициски проект во пост-ковид периодот од јули до декември 2020 година, појаснува Министерството за економија.

Висината на финансиската поддршка изнесува 25 проценти од реализираната инвестиција според инвестицискиот план што ќе го достави апликантот, но не повеќе од 40.000 евра за компании кои оствариле вкупен приход во 2019 година не повисок од 1.000.000 евра, 100.000 евра за компании кои оствариле вкупен приход во 2019 година од 1.000.001 еврадо 10.000.000 евра, 140.000 евра за компании кои оствариле вкупен приход во 2019 година од 10.000.001 евра до 50.000.000 евра и 200.000 евра за компании кои оствариле приход во 2019 година повеќе од 50.000.000 евра.

Компанијата која ќе добие финансиска поддршка има обврска до 31 јануари следната година да достави извештај за текот на реализација на инвестицискиот план со докази дека тој се реализира во предвидените рамки.

– Доколку деловниот субјект не успее да ја заврши инвестицијата или не успее да ја докаже минимум 80 проценти од вредноста на инвестицијата треба да ги врати средствата не подоцна од 01.03.2022 година, велат од Министерството за економија.

Компаниите кои ќе аплицираат треба да достават инвестициски план, тековна состојба на деловниот субјект, биланс на успех за 2019 година и пресметка на аконтациите на данокот на добивка за месеците март, април и мај 2020 година.



Автор: Администратор
Објавено на: 12/06/2020 13:38