Во Виница почна првата фаза од реконструкцијата на планираните 22 куќи во Ромското Маало, со што трајно се решава прашањето за домување на социјално најзагрозените семејства во општината.

Реконструкцијата на објектите ја реализира Кабинетот на министерот без ресор задолжен за имплементација на Стратегијата за подобрување на состојбата на Ромите, Музафер Бајрам, а стратешки партнери се невладината хуманитарна организација ЦЕЛИМ од Милано – Италија и Ромскиот ресурсен центар од Скопје.Во реализацијата на проектот Општина Виница ќе кофинансира 22 отсто од трошоците за обновување на живеалиштата.

-Во првата фаза во наредните два месеца ќе се работи на реновирање на куќите за 11 семејства кои конечно ќе се вдомат во поквалитетни и подобри услови за живеење. Дополнително, сите тие добија поддршка за легализација на нивните домови и за обезбедување имотни листови за куќите, информираа од Кабинетот на министерот Бајрам.

Се очекува во најскоро време да почне и изградбата на типски куќички за дваесетина ромски семејства во Кочани кои со децении живеат во супстандардни услови во Старата касарната кај комплексот „АСНОМ“. Средствата во висина од 23 милиони денари за оваа намена, обезбедени преку проектот за имплементација на Стратегијата за подобрување на состојбата на Ромите, веќе се префрлени на сметката на Општина Кочани.



Автор: Администратор
Објавено на: 13/06/2020 15:44