Криза во државата постојано има, не можеме да кажеме дека сме излегле од економската криза, изјави денеска познатиот штипски економист, Глигор Ивановски. Тој посочува дека криза се појавува при секои избори, но тоа е заради фактот што одредени економски процеси се забавуваат. Појаснува дека во период на кампањата сите политички субјекти се зафатени околу изборите и токму затоа се појавува криза и забавување на економските процеси.

-Кризата ја гледам при тоа што при секои избори и во текот на изборната кампања во текот на изборите и по завршувањето на изборите се случува одредени економски процеси да се забават, не се одвиваат како во периодот пред изборите. Ова е нормално бидејќи сите политички субјекти се ангажирани повеќе околу тоа кој, како и со кого ќе коалицира, рече Ивановски.

Тој смета дека делумно надминување на економската криза може да се очекува наесен кога ќе дојде до позабрзано економско движење, увоз, извоз и слично. Летниот период промени на ова поле не се очекуваат, бидејќи како што вели Ивановски, постои голема поврзност меѓу политиката и економијата.

-Постои поврзаност меѓу политиката и економијата бидејќи политиката ја креира атмосферата, амбиентот во кој ќе се одвива ова економско работење на компаниите. Нема да биде класична криза, туку ќе дојде до забавување на економските процеси и тоа ќе се прелее еве уште малку и на летните периоди, така да дури од есен може да се очекува нешто позабрзано економско движење како зголемување на прометот на увозот, извозот и слично, истакна Ивановски. Тој додава дека намалувањето на цените на производите зависи од самата побарувачка, и од тоа зависи кризата и инфлацијата



Автор: Администратор
Објавено на: 15/05/2024 22:19