Првиот пешачки мост на река Брегалница во Делчево денеска е пуштен во употреба.

Како што истакна министерот за локална самоуправа Горан Милевски, изградбата на мостот со години беше ставан како приоритет на граѓаните на форумските сесии, а денес тој е реалност благодарение на поддршката од Министерството за локална самоуправа и Бирото за регионален развој.

-Едно од најголемите барања на форумите кои ги организираме ние и Швајцарската развојна агенција беше токму изградбата на овој мост и мене ми е мило што сме сведоци на неговото пуштање во употреба. За негова изградба инвестирани се 8,2 милиони денари од кои 60 проценти се средства од Министерството за локална самоуправа, а останатите 40 проценти ги обезбеди градот Делчево, рече Милевски.

Првиот пешачки мост на река Брегалница во Делчево, како шпто истакна градоначалникот на Делчево Горан Трајковски е од огромно значење за жителите од стариот дел на Делчево, бидејќи со ставањето во функција на мостот, ќе се зголеми безбедноста на пешаците, а на граѓаните ќе им бидат значително поблиску повеќе институции.

-Со ставањето во функција на мостот, ќе се зголеми безбедноста на пешаците и ќе им бидат значително поблиску повеќе институции, како детската градинка, ООУ „Ванчо Прке", Општина Делчево, градскиот пазар и сите фабрики кои се наоѓаат во индустрискиот дел во градот. Изградбата на мостот има и дополнителна вредност, бидејќи Општина Делчево има дополнителни инвестиции за изградба на пристапни рампи и пристапна улица со која се поврзуваат локалните институции, а неговата изградба е во рамките на проектот „Збогатување на туристичката понуда". рече Трајковски.

Драгица Здравева, директорка на Центарот за развој на Источно-планскиот регион преку која се градеше мостот се заблагодари на успешно завршената работа за овој значаен линиски објект за Делчево.

-Изразувам задоволство што и изведувачот на работите компанијата „Жикол", со вклучување на стручните луѓе од Центар и од Општина Делчево, се почитуваа сите градежни просписи и очекувам во иднина со дополнителни проекти да помогнеме во развојот на Општина Делчево, рече Здравева.

За граѓаните мостот е од огромно значење особено за работниците кои побргу ќе стигнат до своите работни места.

-Мостот ќе им биде под помош на работниците кои побргу ќе стигнат на работа и нема да доцнат, истакна граѓанин на Делчево.

-Мене ќе ми помогне да стигнам побргу до другата страна на реката каде живеат моите внуци, додава жител на Делчево.

За дозиградба на пристапните рампи за лица со попреченост и двете улици во близина општината обезбеди 3 милиони денари со што проектот за изградба на првиот пешачки мост беше заокружен.



Автор: Администратор
Објавено на: 13/06/2020 15:47