Се нормализира работата во подрачната единица на Фондот за здравствено осигурување во Штип, откако минатата недела зградата во којашто е сместен беше затворена, бидејќи и кај нив имаше еден позитивен случај на Ковид-19, двајца беа во самоизолација.

Еден кат погоре во подрачната единица на Фондот за пензиско и иналидско осигурување беа регистрирани седум позитивни на коронавирус, а неколку вработени заминаа во самоизолација.

Раководителката на подрачната единица на Фондот за здравствено осигурување, Емилија Ефремова за МИА вели дека од денеска почнуваа со скратено работно време до 14.00 часот, а вработените ќе ротираат.

– Ги повикуваме земјоделците од штипско-карбинскиот регион да дојдат во подрачната единица на Фондот за здравствено осигурување и да ги подигнат декларациите за плаќање на придонеси за здравствено осигурување. Досега оваа обврска ја имаат исполнето половина од регистрираните земјоделци, вели Ефремова.

Во Фондот за здравствено осигурување-Штип вработени се 25 лица, Ефремова појаснува дека уште од почетокот на пандемијата е направена реорганизација во просториите, со странките се работи на еден шалтер. Вработените задолжително носат маски и се држи социјалната дистанца од над два метра.

Поминати се деновите во самоизолација за двајцата вработени, но од превентивни причини деновиве ќе останат дома, додека лицето кое е заразено со коронавирусот е во добра здравствена состојба и се лекува во домашни услови.

Вработените во подрчната единица на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување се уште немаат почнато со работа, во оваа институција покрај седумте позитивни случаи имаат и неколку лица во самоизолација. Откако деновиве ќе им заврши период на самоизолација ќе следуваат инструкциите како да почнат со работа со странките.



Автор: Администратор
Објавено на: 15/06/2020 12:59