Општина Маврово и Ростуше ги ослободува деловните субјекти од плаќање комунална такса за истакнување фирма за период од една година.

-По предлог на градоначалникот Медат Куртовски, Советот на Општина Маврово и Ростуше донесе одлука за ослободување од плаќање комунална такса на сите обврзници за истакнување на фирма за период од една година.Тоа согласно евиденцијата со која располага локалната самоуправа, информираа од општината.

Додаваат дека ова се прави поради состојбата со пандемијата со Ковид-19 „што ги погоди сите фирми и не беа во можност нормално да функционираат“.

Според оваа одлука деловните субјекти кои имаат долг за повеќе години ќе бидат ослободени од плаќање на комунална такса за една година и тоа за првата неподмирена календарска година.

Оние пак кои го подмириле својот долг по основ на комунална такса за истакнување на фирма заклучно со 2020 година, ќе бидат ослободени од обврската за плаќање на комунална такса за 2021 година.

Поконкретно активни деловни субјекти на територијата на општина Маврово и Ростуше има 207 а за 2020 година вкупното ослободување изнесува околу 788.000 денари.



Автор: Администратор
Објавено на: 15/06/2020 16:09