Економската состојба на деловните субјекти во преработувачката индустрија е неповолна, а се очекува и бројот на вработените да се намали, соопшти Државниот завод за статистика.

Според раководителите на деловните субјекти, обезбеденоста на производството со порачки во мај 2020 во однос на април 2020 година е понеповолно, очекувањата за обемот на производството во наредните три месеци се понеповолни во однос на претходниот месец, а залихите на готовите производи се намалени.

– Оценката за економската состојба на деловните субјекти во мај 2020 година е понеповолна во однос на претходниот месец, а понеповолна и во однос на мај 2019 година. Се очекува бројот на вработените да се намали. Просечното искористување на капацитетите на деловните субјекти во мај 2020 година изнесува 65,4 отсто од нормалното искористување, наведува Статистика.

Индикаторот на доверба во преработувачката индустрија во мај 2020 година е намален за три процентни поени во однос на април 2020 година и изнесува 13, а во однос на мај 2019 година е намален за осум процентни поени.

Најголемо влијание врз ограничувањето на обемот на производството имаат недоволната странска побарувачка со 21,3 отсто, недостигот на квалификувана работна сила со 18,4 проценти, неизвесното економско опкружување со 14,6 и недоволната домашна побарувачка со 12,7 отсто.



Автор: Администратор
Објавено на: 16/06/2020 13:52