Податоците на Народната банка за индустријата и трговијата за април упатуваат на понатамошни и понагласени негативни ефекти од здравствената криза врз економската активност, констатирал на редовна седница Комитетот за оперативна монетарна политика на Народната банка.

Генералната оценка на Комитетот е дека засега тековите се стабилни и последните макроекономски показатели главно се движат во согласност со очекувањата, при што согледувањата за амбиентот за спроведување на монетарната политика се непроменети во однос на претходната оцена на Народната банка. Неизвесноста и ризиците од идните макроекономски ефекти од пандемијата на КОВИД-19 и натаму се присутни и изразени, како во глобални рамки, така и во рамки на домашната економија, што влијае и на променливост во очекувањата.

По намалувањето на каматната стапка на благајничките записи во три наврати од почетокот на годината, на седница е одлучено таа да се задржи на нивото од 1,5 проценти.

Според Народната банка, во условите што произлегуваат од пандемијата на КОВИД-19 и мерките за спречување на ширење на вирусот, кои неповолно влијаат и врз глобалната и врз домашната економија, а при солидно ниво на девизни резерви и отсуство на инфлациски притисоци, од почетокот на годината монетарната политика е релаксирана.

-Намалувањето на основната каматна стапка до нивото од 1,5 проценти, како и досегашното позначајно намалување на понудениот износ на благајнички записи, придонесе за натамошно зголемување на ливидноста на банкарскиот систем и поддршка на кредитните текови во економија. Со оглед на веќе извршеното олабавување на монетарната политика, на оваа седница беше одлучено каматната стапка на благајничките записи да се задржи на постојното ниво, како соодветно на тековните економски и финансиски услови. Истовремено, ликвидноста ослободена преку основниот инструмент на Народната банка, од вкупно 15 милијарди денари во април и мај, на седницата беше оценето дека е соодветна, при што беше одлучено на аукцијата на благајнички записи што ќе се одржи денеска да се понудат благајнички записи во непроменет износ од 10 милијарди денари, соопшти денеска Народната банка.

Како што е констатирано на седницата, по значителното забавување на растот на економската активност во првиот квартал годинава од 0,2 проценти на годишна основа, наспроти растот од 3,4 проценти во претходниот квартал, случувањата поврзани со КОВИД-19 во глобални рамки, како и мерките што беа преземени за спречување на ширење на вирусот, во текот на март доведоа до влошување на деловната активност, видливо кај поголем дел од економските дејности.

Гледано од расходната страна, укажува централната банка, ваквата состојба се одрази врз домашната побарувачка, која имаше помал позитивен придонес за растот на БДП, кој речиси во целост беше неутрализиран од негативниот придонес на нето извозот. Послабата домашна побарувачка во првиот квартал произлегува од малиот пад на брутоинвестициите, наспроти нивниот солиден раст во претходниот квартал, како и на забавувањето на растот на личната и јавната потрошувачка.

-Тековно расположливите високофреквентни податоци за вториот квартал од оваа година се ограничени за поцелосно согледување на состојбите, но податоците за индустријата и трговијата за април упатуваат на понатамошни и понагласени негативни ефекти од здравствената криза врз економската активност, оценил Комитетот за оперативна политика на Народната банка.

Во однос на инфлациските движења, ценовните промени во периодот април-мај засега се во согласност со проекцијата за вториот квартал. Во вакви услови, како и при различни насоки на ревизија кај увозните цени, ризиците во однос на проекцијата на инфлацијата од нула проценти за оваа година, тековно се оценуваат како урамнотежени. Сепак, нагалсува централната банка, и понатаму постои голема неизвесност околу идното движење на светските цени на примарните производи, поврзано со коронавирусот и времетраењето на пандемијата.

Народната банка истакнува дека и во следниот период внимателно ќе ги следи трендовите и потенцијалните ризици, заради соодветна реакција преку приспособување на политиките, доколку тоа е потребно.



Автор: Администратор
Објавено на: 17/06/2020 14:46