Домашната платежна картичка и ваучерите за домашен туризам, ќе го ублажат падот на економската активност во третото тримесечје, како и падот на бројот на ноќевања во македонскиот туризам. Ова покажале направените симулации во Министерството за финансии, изјави во гостување во емисијата Агенда 35 министерката за финансии Нина Ангеловска.

Преку мерката за домашна платежна картичка, како што соопштуваа од Министерството за финансии, ќе им се даде финансиска поддршка на околу 325.000 граѓани. Министерката за финансии вели дека мерката е современа и системски осмислена за да стимулира безготовинско плаќање, намалување на неформална економија, купување на домашни македонски производи и услуги, а воедно ќе влее средства во стопанството за кус рок.

-Направивме една симулација што ќе значат 28 милиони евра во економијата во така краток период од околу 30 до 40 дена. При таа симулација за третиот квартал од годината ако ние предвидуваме дека контракцијата или намалувањето на економската активност ќе биде 2,7 отсто , со влевање на сите овие средства, ќе забележиме нешто под 2 осто, односно намалување за 0,7-0,9 процентни поени помал економски пад благодарение на средствата кои што ќе се влеат во економијата и кои ќе се потрошат кај погодените сектори за домашни производи и услуги, вели Ангеловска.

Таа посочи и дека ваучерите за домашен туризам ќе влијаат на помал пад на бројот на ноќевања.

-Тука би ја споменала и мерката за ваучерите за туризам, која што е околу 10-12 милиони евра, се поделија по 100 евра на групата од 117.000 граѓани. Тука симулацијата што ја направивме за да го оцениме ефектот, ако бројот на ноќевања, во текот на годината во 2020 согласно случувањата би бил околу 50 отсто, но со оваа мерка би бил двојно помал, односно би влијаело на помал пад на бројот на ноќевања и зајакнување на македонскиот туризам, вели Ангеловска.



Автор: Администратор
Објавено на: 18/06/2020 14:11