Целосно отворање на границите, воведување протоколи како во останатите европски држави, неповратна финансиска помош од 500 евра за фирми до пет вработени и од 1.000 евра за фирми со над пет вработени, минимална плата од 14.500 денари, платени придонеси, одложување на исплатата на кредитите, ослободување од ДДВ и аконтација до крајот на годината, одобрување бескаматни кредити за сите без никакви услови, а за оние веќе одобрените пролонгирање на грејс периодот од шест на 12 месеци, се само дел од барањата на туристичките агенции од земјава.

Тие денеска најавија дека ќе протестираат ако државата не им помогне. Како што рекоа на прес-конференција пред Министерството за економија, повеќе од 100 дена воопшто не работат, профитот им е нула, а имаат трошоци за кирии, сметки, плати. Доколку ваквата ситуација продолжи, голем дел од нив ќе банкротираат и од септември ќе бидат принудени да затворат, да останат без работа.

Барањата ги доставиле до министерствата за економија и за финансии на 11 јуни, но засега се уште немаат добиено никаков одговор. За мерката што вчера ја најави министерот Крешник Бектеши, не се информирани, ниту некој засега ги повикал на разговор.

-Не сакаме да профитираме, не бараме големи грантови. Сакаме нормални услови за работа, а додека државата не ни ги створи, бараме поддршка за опстанок на нашиот бизнис, за опстанок на нашите семејства, за покривање на трошоците. Бараме неповратна помош, зашто ако евентуално ни се обезбедат позајмици, не ќе имаме средства да ги вратиме. Ние сме неколку илајди вработени и за жал, ако ситуацијата вака продолжи, а државата не ни помогне, голем дел од нас ќе банротираат, ќе бидеме приморани да затвориме и практично од септември ќе бидеме нови невработени. Допрва не чека мртов период, септември, октомври, ноември, декември. Дали мислите дека некој ќе оди на Нова Година или ќе патува на есен, ќе плаќа фрст минит патувања за во 2021-ва? Луѓето се плашат порано да ги дваат своите пари, им е страв дека ќе останат заробени, рече Ана Марија Алекосва сопственик на туристичка агенција.

Меѓу барањата, дополни, е и агенциите да бидат исто така опфатени со мерката за ваучерите „Дома си е дома“.

Сепак, туристичките агенции се најмногу против владината одлука за отворање на границите под дефинираните услови: при влез во државата секој да покаже (негативен) тест на корона не постар од 72 часа и да седи во 14-дневен карантин. Забелешка имаат и во однос на протоколот за автобусите кој наложува продажба на максимум 50 отсто од седиштата.

-Денес сме овде и против таа одлука зашто никој под вакви услови нема да дојде кај нас, ниту некој од нашите туристи ќе патува во странство. Имаме договори со странски партнери кои од нас очекуваат туристи, имаме наши клиенти кои веќе уплатиле и чекаат кога ќе може да патуваат зашто им се издадени ваучери, но ние одговорот на ова прашање не го знаеме, рече Алексова.

Таа е децидна дека туристичките агенции заслужуваат помош зашто плаќаат данок на државата од, како што напомена, десетици илјади евра.

Туристичките агенции се речиси 95 отсто семејни бизниси и засега, и покрај проблемите поради ковид-кризата, речиси нема отпуштања. Зад барањата стојат од 70 до 100 туристички агенции од државата.



Автор: Администратор
Објавено на: 18/06/2020 14:44