Припадниците на СВР Куманово, денеска даруваа крв на редовната крводарителска акција која овојпат се одржа во просториите на Центарот за култура „Трајко Прокопиев“.

Акцијата ја организира кумановската полиција во соработка со Институтот за трансфузиона медицина Скопје и Општинската организација на Црвениот крст. Припадниците на полицијата уште еднаш ја покажаа својата хуманост, истакнаа организаторите.

– Задоволни сме од одѕивот на припадниците на полицијата. Во услови на пандемија запазени се процедурите, протоколите од Светската здравствена организација за организирање акција, се носи заштитна опрема, маски, визири, ракавици, се дезинфицира просторијата, се одржува дистанца.. Очекуваме околу 50-ина единици крв, изјави д-р Дритон Биљали од Службата за трансфузиона медицина Куманово.

Припадниците на СВР Куманово истакнаа дека секогаш со задоволство учествуваат во вакви хуманитарни акции.

– Ова ми е 15-ти пат како дарувам крв. Сметам дека со дарување крв помагаме за спасување животи и сметам дека секој би требало да дарува и да биде редовен крводарител, посочи Марјан Павличек, крводарител, припадник на СВР Куманово.

СВР Куманово традиционално организира три крводарителски акции годишно, во февруари, јуни и во октомври. Крводарителските акции се реализираат согласно потпишаниот Меморандум за соработка помеѓу МВР и Институтот за трансфузиона медицина.



Автор: Администратор
Објавено на: 18/06/2020 16:17