Во трите гимназии во Дебарско забележан е слаб одѕив за упис во прва година за учебната 2020/2021 година. Во сите три училишта во кои вкупно има места за 544 завршени основци, за упис до попладнево се пријавиле само 93 полуматуранти.

-Во нашата гимназија до попладнево, пријави, со потребните документи, доставија 53 учениц. Колку од нив ќе бидат запишани ќе објавиме утре. Квотата за упис, според Конкурсот на Министерството за образование и наука, е 340 ученици на двата наставни јазика, македонски и албански, изјави Шабан Алајбегу, секретар на гимназијата „28 Ноември“ во Дебар.

Во гимназијата „ Маврово-Ростуше“ во Ростуше, според секретарот Бошко Божиновски, пријавени се 23 ученици. Во оваа образовна институција квотата за прва година е 102 ученика, сите на македонски јазик.

И во гимназијата „АТА“ во Центар Жупа, квотата е 102 ученика за паралелеките со македонски и турски наставен јазик. Како што информираше за МИА директорот Сабри Асан, за упис се пријавиле 17 ученици.

Заедничка оценка е дека во другите пријавувања бројот ќе биде поголем, бидејќи завршените основци, како што велат, и во изминатите години среќата најпрво ја испробуваат во некое средно стручно училиште во државава, пред се во медицинските училишта.



Автор: Администратор
Објавено на: 19/06/2020 01:26