На првата трка од годинашниот Ендуро Шампионат што денеска се одржа на ендуро патеката над езерото „Младост“ кај Велес, Драган Ванов од Мото Клубот „Мото-Велес“ беше прв во Е-1 класата од 250 кубици, втор беше Денис Гареј од СРТ Куманово и трет Елвир Мемедов од Мото Клубот „Мото-Велес“.
Организатор беше Мото Клубот „Мото Велес“ во соработка со Мотоциклистичката федерација на Македонија и Општина Велес. Како што информира за МИА, Сашко Ванов од МК „Мото Велес“ учествуваа педесетина ендуро возачи од Мото клубовите од земјава, а по нерамен ендуро терен се возеа четири круга од по 25 километри со еден ендуро тест во секој круг каде што се мереше времето.
– На ендуро стазата напорно работевме во изминатите четири дена за да ја оспособиме, а за нејзино чистење од градежен и друг смет имавме на располагање и механизација од два булдужера еден кој ние го обезбедивме и еден од Општина Велес, а ни помагаа и многу наши пријатели љубители на ендуро трките. Според оценката од сите учесници, оваа е најдобрата ендуро патека во земјава и поширокиот регион и веќе е Ендуро центар во земјава потенцира Ванов.
Во Е-2 класата до 450 кубици прв е Синиша Николоски од МК „Мото Велес, втор е Самет Имеров од МК „Мото Велес“ и трет Марко Златановски од Ендуро тим Водно.
Во Е-3 класата над 450 кубици прв е Дејан Маркоски од МК „Драпачи“ втор Давид Ристов од МК „Мото Велес“ и трет Ангелче Стојковски од Ендуро тим Водно.
Во класата Off Road без лиценци прв беше Дардан Дехари, втор Наумче Чулчески од МК„Кај Антените“ од Охрид, а трет беше Никола Маркоски од истиот охридски клуб „Кај Антените“.
Инаку прво пласираниот во најтешката класа до 250 кубици Драган Ванов од МК „Мото-Велес“ е државен ендуро шампион во изминатите две години во 2018 и 2019, а ако и годинава биде прв ќе ја освои и „Златната кацига“, велат организаторите.
Организаторите посочуваа дека на денешната трка ги почитуваа препораки те на Агенцијата за млади и спорт во услови на пандемија на коронавирус и се натпреваруваа без публика, а бидејќи станува за индивидуален спорт натпреварувачите немале никаков непосреден контакт во текот на трката.