Туристичките водичи и придружници не добија никаква помош од државата во време на пандемија, а се принудени истовремено сите давачки да си ги плаќаат редовно. Работата и профитот стопроцентно им се оневозможени. Испратиле официјални барања до Владата но немаат одговор.

– Во моментот како резултат на пандемијата, туристичките водичи трпат големи финансиски загуби заради откажаните аранжмани и немаат никаква поддршка, а уредно ги плаќаат сите давачки кон државата. И покрај сите уредно доставени писмени барања до Владата и до Министерството за економија, досега немаме никаков одговор. Ова е професија од посебен интерес за државата и бараме од Владата и Министерството за економија да не ги игнорираат нашите барања бидејќи сме во незавидна, тешка положба. Бараме изнаоѓање на неодложни начини за финансиска поддршка на нашата професија, рече за Алфа, претседателот на Македонската асоцијација на туристички водичи и придружници Димитар Кавраков.

Според црните но реални сценарија, туристичките водичи не ќе можат да работат најмалку до крајот на оваа година.

– Сите мерки на владата што се преземаат по повод пандеијата многу често и нас не изненадуваат и не е баш розева иднината. Од контактите со нашите соработници ни влева малку надеж дека кон крајот на годинава евентуално ќе спласне целата ситуација и дека странците, од кои најмногу живееме, ќе почнат да ја посетуваат нашата земја, рече Кавраков.



Автор: Администратор
Објавено на: 22/06/2020 13:29